Над 50% од младите луѓе во Скопје, Струмица и Гостивар би пријавиле случаи на корупција, доколку постојат безбедни и доверливи канали за тоа. Ова го покажува најновото истражување презентирано на работилницата посветена на младинскиот став кон корупцијата, јавува Телевизија 24.

Истражувањето опфатило млади на возраст од 16 до 26 години и е спроведено во средни училишта и факултети во три плански региони: Скопскиот, Полошкиот и Југоисточниот. Како дел од иницијативата, е промовирана и мобилната апликација „Глас против корупција“, која им овозможува на младите да пријавуваат случаи на корупција на безбеден начин.
Резултатите укажуваат на тоа дека младата популација има изразена свест за проблемот со корупцијата, но и сериозно недоволна доверба во институциите. Само 8% од испитаниците веруваат во институциите што се надлежни за борба против корупцијата, додека дури 70% сметаат дека темата речиси и не се обработува во наставата.
Дополнително, 69,6% од младите велат дека корупцијата ги демотивира и им ја урива вербата во трудот и знаењето. Најмала доверба изразуваат кон судството, политичките партии и јавната администрација – сектори што, според нив, се најмногу погодени од коруптивни практики.
Според организаторите на работилницата, овие податоци ја покажуваат подготвеноста на младите да се вклучат во борбата против корупцијата, доколку им се понудат соодветни, сигурни и транспарентни алатки за учество.