Скопје вечерва се најде на врвот на листата на најзагадени градови во Европа, заземајќи го неславното второ место со индекс на загаденост 162, според податоците на платформата IQAir. Прв во европа и трет во светот е главниот град на Босна и Херцеговина, Сараево, каде квалитетот на воздухот е со уште полош индекс од 236 единци , што спаѓа во категоријата „многу нездрав воздух“.
На глобално ниво, најзагаден град во моментов е Дака, Бангладеш, каде загаденоста достигна алармантен индекс од 295, што претставува сериозен здравствен ризик за населението.
Загадувањето на воздухот во Скопје е долгогодишен проблем, кој се влошува во зимските месеци поради комбинацијата од индустриски емисии, сообраќаен метеж и користење на фосилни горива за греење. Високите концентрации на PM2.5 и PM10 честички претставуваат сериозна опасност по здравјето, особено за децата, постарите лица и хронично болните.
Граѓаните се револтирани од постојаните високи нивоа на загаденост и бараат конкретни мерки за подобрување на квалитетот на воздухот. Иако во последните години се најавуваат разни проекти за намалување на емисиите, нивната ефикасност сè уште не е доволна за значително подобрување на состојбата.
Експертите препорачуваат итни мерки, како што се:
-Строга контрола на загадувачите и санкции за прекумерни емисии;
– Повеќе субвенции за еколошки начини на греење;
– Намалување на сообраќајниот метеж и зголемување на јавниот превоз;
-Пошумување и подобро урбанистичко планирање за циркулација на воздухот.