Рочиштето за случајот со родилката од Дебар, Јилдиз Веапоска, повторно беше одложено и денеска поради отсуството на адвокатот на обвинетиот доктор Асани. Ова е веќе неколкуто одложување по иста причина, поради што судијата Јордан Јованов донесе одлука да го казни адвокатот со 1000 евра и да побара негово изземање од предметот. Судот ќе назначи нов правен застапник за одбраната.
Веапоска, која речиси три години се соочува со судска постапка, а пет години живее со последиците од случајот што ја остави без еден бубрег, матка и јајник, денеска пристигна во судот во Струга придружена од група граѓани кои изразија поддршка. Таа повтори дека ќе организира протести во Дебар, Струга и Скопје доколку до крајот на месецот не се добие разрешница.
„Правда мора да има, за ниедна друга жена да не го помине истиот терор“, рече Веапоска пред судот, нагласувајќи дека случајот ѝ ја одбележал младоста и животот.
Покрај доктор Асани, во постапката се обвинети уште двајца лекари, осомничени за тешки дела против здравјето на луѓето. Тројцата се изјаснија за невини.
Интересно е што денеска пред истиот судија беа закажани и две рочишта за поранешниот градоначалник Рамиз Мерко, поврзани со спорната табла и со наводни финансиски злоупотреби при осветлувањето на коритото на реката Дрим. И тие рочишта беа експресно одложени поради истата причина – изостанок на истиот адвокат, кој застапува и во овие случаи. За нив адвокатот повторно доби парична казна од по 1000 евра.

