Црквата во селото Мршевци, општина Илинден, попладнево беше зафатена од пожар, а жителите преку социјалните мрежи испраќаат драматични повици за интервенција.
Засега не е потврдено дали пожарот е резултат на едно од неколкуте жаришта кои денеска избувнаа во поширокиот скопски регион, за кои се претпоставува дека се предизвикани од искрење на електрични водови поради силниот ветер.
Истовремено, пожарникарските екипи се соочуваат со предизвик да реагираат на повеќе точки – се пријавени најмалку десет пожари во Скопско и Кумановско, а разгорениот ветер дополнително ја усложнува ситуацијата.
Според видео-снимки испратени од граѓани, во близина на населеното место Илинден огнената линија се протега на ширина од околу еден километар. Граѓаните апелираат за засилена интервенција и поддршка од институциите.
Надлежните сè уште не излегле со официјални информации за причините и за евентуалната штета врз црковниот објект и околината. Очекувањата се дека во текот на вечерта ќе се објават повеќе детали.