Пожарот во фабриката „Мирана“ во Велес е локализиран утрово

Центарот за управување со кризи, повикувајќи се на на информациите добиени од СВР Велес и ТППЕ Велес, соопшто дека пожарот во фабриката за прехранбени производи ДПТУ „Мирана“ ДООЕЛ во Велес, кој бил пријавен во ТППЕ Велес во 22:00 часот, а во СВР Велес во 22:20 часот на 04.08.2025 година, е локализиран во 04:00 часот на 05.08.2025 година.

Информациите велат дека сѐ уште има слаби чадења на одредени места во фабриката, а за да се спречи повторно разгорување, пожарникарите и другите служби се сѐ уште присутни на терен.

Според првичните сознанија на СВР Велес, гореле магацин (во кој имало пластична амбалажа, фрижидери и друго) и канцелариски простории (документација и други материјали).

Пожар избувна нешто по 22 часот во фабриката за здрава храна „Аронија“ во индустриската зона на Велес во новиот дел на градот, која е дел од компанијата „Мирана“ за маргарин и други прехранбени производи.

Во гаснењето веднаш се вклучиле повеќе пожарникари со три противпожарни возила, а на помош во дотур со вода им била ставена на располагање и цистерна со вода на ЈКП „Дервен“.

Зачлени се на нашиот е-билтен