Пожарот кој вчера попладне беше ставен под контрола во тетовските села Рогачево и Јажинце, повторно се активирал околу 22:30 часот, а утрово ситуацијата останува непроменета, информира Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, соопшти дека ноќта со помош на жителите на Рогачево успеале да изгасат една од огнените линии. Тој објасни дека пожарот во атарот на село Јажинце повторно се разгорел поради лесно запаллива вегетација и засилен ветер, создавајќи огнена линија долга повеќе од еден километар која се движела кон магистралниот пат Тетово – Јажинце.
За да се спречи ширење на огнот, на патот била поставена одбрана со десет ПП цистерни, осум пинцгауери и еден воден топ од МВР. Ангелов лично се искачил на линијата на пожарот и заедно со седум жители на Рогачево започнале ноќно гаснење, успевајќи околу три часот по полноќ да ја совладаат целата лева огнена линија.
Десната линија останува тешко достапна поради густата вегетација, а на неа се активирал и полициски хеликоптер кој со прецизно фрлање на вода делува точка по точка. Еден дел од пожарот се движи во насока кон село Дворце и скопската страна.
На терен се ангажирани пожарникари од ТППЕ Тетово, Гостивар, Велес и Кавадарци, како и локално население, а министерот Тошковски синоќа ја посетил локацијата и останал на терен до утринските часови.