Прашање на денот: Колку доградби можат да се надградат на една доградба ако двете се дивоградби?

доградба

Дивоградбите стануваат феномен во Скопје непознат за сиот останат свет. Освен бројот на дивоградби кои расте од ден на де, сега се откриваат дивоградби на доградби кои, освен што се спротивни на здравиот разум и на законите, се надвор од логиката и математиката на секоја статика.

Најновата дивоградба е онаа во Општина Чаир, меѓу тесните улички меѓу Битпазар и Чаршијата. На трикатна станбена зграда на поткровјето, кое јасно се препознава со црвениот лим веќе има подигнато уште еден кат, а сега се гради нов, иако во Катастарот нема имотни листови ниту за веќе постојната доградба над поткровјето.

Оваа извртена градежна логика, всушност е иновација, бидејќи сега поткровјето на оваа зграда и нее поткровје.

Но, тоа не е најголемиот апсурд. Најголемиот апсурд е што никој не знае кој дига дивоградба на доградба која што е дивоградба.

ТВ Телма објави дека во Општина Чаир им било кажано дека во петокот бил извршен вонреден инспекциски надзор, но кој доградува цел кат врз зградата засега е непознато. Петок помина, денеска е среда, а кој гради не се знае.

„На ден 16.01.2026 год. (петок) извршен е инспекциски надзор на посочената локација при што е утврдена изградба на надградба и на самата локација не е затекнат никој на лице место. Поради утврдување и обезбедување на дополнителна документација и докази, постапката е во тек за разјаснување на околностите и утврдување на причините“, велат во Општина Чаир.

Додека се чекаат дополнителната документација и докази за разјаснување на околностите и утврдување на причините, некој праша каде е градоначалникот Изет Меџити.

Зачлени се на нашиот е-билтен