Пратеничката Славјанка Петровска со емотивна порака по трагичната несреќа: „Не сакав да прифатам дека туѓа негрижа прекина два живота“

Пратеничката на СДСМ и поранешна министерка за одбрана, Славјанка Петровска, се огласи со потресна порака на социјалните мрежи по повод трагичната сообраќајна несреќа во која животот го загубија двајца припадници на Армијата на Република Северна Македонија – Стефан Ивановски и Ана Нешовска.

„Не сакав да поверувам во лошата вест, не сакав да прифатам дека вие двајца сте загинатите во сообраќајната несреќа, не сакав да прифатам дека туѓа неспособност и негрижа прекинаа два живота“, напиша Петровска.

Таа со длабока почит се осврна на нивната професионалност и човечност. За Стефан Ивановски рече дека бил скромен, но исклучително способен офицер, посветен командант на елитната единица „Волци“, кој живеел за државата, Армијата и своето семејство. „Го гледав како еден од идните столбови на Генералштабот“, истакна Петровска.

За Ана Нешовска рече дека била работлива, кротка, но полна со енергија и амбиција да го промени светот. „Ја гледав како првата жена раководител на военото разузнавање“, додаде таа.

„Вашето несреќно заминување не скрши сите. Изгубивме многу. Министерството и Армијата изгубија многу, но, за жал, најголемата загуба ја претрпеа вашите прекрасни семејства. Нема зборови на утеха, има само зборови за сочувство во оваа огромна тага. Почивајте во мир“, заврши Петровска во својата објава.

Зачлени се на нашиот е-билтен