Правниците се јасни: Одлуката за домашен притвор на Груби е на сметка на обвинителството

Груби

Дилемата кој бил „поголем“ судијата или јавниот обвинител во одредувањето на мерката домашен притвор за Артан Груби, ја разреши, кратко и јасно, членката на Судскиот совет, поранешната адвокатка Сузана Јошевска Атанасовска која на фејсбук напиша:

Судија НЕ СМЕЕ да изрече мерка притвор ако има предлог од обвинител за куќен притвор. Нема потреба од итна седница на Судски совет за да се расправа основно правило во кривична постапка.

Ова е директен и јасен одговор на барањето на министерот за правда Игор Филков кој побара одговорност од јавниот обвинител Даниел Коцев и да објасни, врз основа на кои конкретни факти и правни аргументи е дадено позитивно мислење за замена на притворот.


Филков го повика и раководителот на обвинителството Анел Фидоски да одговори дали стои зад оваа одлука и дали смета дека ова е порака за еднаква примена на законот и побара судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје, Марин Станевски да каже кои околности го надминале ризикот од бегство кај лице кое веќе 14 месеци беше недостапно.

Филков побара Судскиот совет и Советот на јавни обвинители веднаш да свикаат седници за да ја утврдат одговорноста за одлуката за домашен притвор за Артан Груби, за којашто тој рече дека како министер нема да биде нем сведок кога довербата на граѓаните во правниот систем е разнишана, ниту ќе стои на страна кога јавноста со право бара одговори.

Јошевска Атанасовска кратко и јасно му одговори, но адвокатот Јасмин Калаќ многу детално ја разрешува оваа дилема и јасно го лоцира прашањето.

„Тврдењето дека судот може да одреди ефективен затворски притвор ако обвинителот побарал само домашен притвор е правна “фантастика” која нема допирна точка со македонскиот ЗКП. Во модерниот кривичен систем, судијата не е инквизитор кој сам истражува и казнува, туку арбитер кој одлучува исклучиво во рамките на она што го бара обвинителот. Ако обвинителот, како „dominus litis“, проценил дека куќен притвор е доволен за да го обезбеди присуството на обвинетиот, судот не смее да глуми „поголем католик од Папата“ и на своја рака да ја влошува положбата на лицето“, коментира на социјалните мрежи Јасмин Калаќ.

Калаќ вели дека во овој случај се судираме со принципот на забрана за reformatio in peius во поширока смисла, односно судот не смее да му даде на ЈО повеќе отколку што тој самиот сметал дека му е потребно за успешно водење на случајот.

„Судската независност не значи судско самоволие или преземање на функцијата на прогон. Таа се огледа во правото на судијата да го одбие предлогот или да одреди поблага мерка ако смета дека обвинителот претерал, но никако не му дозволува да оди над „плафонот“ што го поставило обвинителството. Секој судија што би одредил ефективен притвор без соодветен предлог, прави суштествена повреда на постапката која паѓа второстепено уште пред да се исуши мастилото на решението. Затоа, наместо да го обвинуваме судот за „потврдување“, треба да се погледне кон обвинителството, бидејќи судот е врзан за нивниот предлог исто како што правдата е врзана за доказите“, објаснува адвокатот Јасмин Калаќ.

Зачлени се на нашиот е-билтен