Жителите на повеќе скопски населби алармираат дека повеќе од еден месец не им се собира сметот од кантите пред индивидуалните куќи, иако според планот тоа треба да се прави двапати неделно.
Наместо тоа, камионите на ЈП „Комунална хигиена“ поминуваат еднаш неделно, а понекогаш и доцна навечер по 20 часот, поради што кантите остануваат преполни, а кесите со ѓубре се оставаат околу нив.
„Порано ѓубрето се собираше во вторник и петок. Сега нема никаков ред. Не знаеме кога ќе дојде камион, а често не доаѓа ни еднаш неделно. Кантите ни стојат на улица со денови, минатата недела дојдоа во 20 часот навечер и немав време да потрчам да ја изнесам пак“, велат жители на населбата Ѓорче Петров.
Општина Карпош реагираше на поплаките и официјално побара од „Комунална хигиена“ повторно да почне со редовно собирање на отпадот, особено во населбите со индивидуални куќи.
„Граѓаните кои живеат во куќи никогаш досега не се жалеа – сметот се собираше уредно. Но во последните десет месеци, состојбата е алармантна. Во населбите Влае, Тафталиџе 1 и 2, Козле, Трнодол, Жданец и Нерези, отпадот се собира еднаш неделно, а понекогаш и поретко. Дополнително, ѓубретарите одбиваат да ги подигнат кесите со кастрена трева и огради, иако граѓаните плаќаат ѓубретарина и за дворот“, велат од општината.
Од таму предупредуваат дека ваквото постапување води кон поголем револт кај граѓаните и создава хаос околу преполнетите канти и контејнери.
„Комунална хигиена“: Сѐ се одвива според план
Во реакција на изнесените тврдења, ЈП „Комунална хигиена“ ги демантира обвинувањата и тврди дека состојбата е под контрола.
„Фотографиите што се појавија во медиумите се стари и не ја отсликуваат актуелната состојба. Собирањето на отпадот во Општина Карпош се одвива според утврдената динамика и оперативниот план на градот Скопје“, наведуваат од претпријатието.
И покрај нивните тврдења, граѓаните продолжуваат со реакции на социјалните мрежи, споделувајќи фотографии од преполни канти и несанитарни услови.