Пресудата за прегазувањето на Фросина Кулакова на 13 мај

Пресудата за случајот со прегазувањето на Фросина Кулакова ќе биде објавена на 13-ти месецов. На судењето што почна денеска во Основниот кривичен суд Скопје, обвинетиот Васил Јованов призна вина, а адвокатот на семејството Кулакови, побара највисока казна. 

Јованов е осомничен за кривично дело „тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“ за сообраќајката што се случи во јануари годинава на Булеварот „Партизански одреди“ во Скопје во која животот го загуби Фросина Кулакова.

Обвинителот како докази за одмерување на видот и висината на казната пред судот ги наведе тоа што за Јованов има правосилна пресуда за казна затвор од три години и десет месеци и пет прекршочни постапки кои не се процесуирани за разни сообраќајни прекршоци.

Бранителот на Васил Јованов, адвокат Сашко Дуковски, пред судот побара да се отргне, како што рече, една голема невистини за сега обвинетиот Васил, дека е наркоман, нагласувајќи дека тој е спортист.

– Васил е спортист и за тоа доставувам потврда за членство во бокс клуб, освоени медали и благодарници. Доставувам и потврда од ракометната федерација дека Васил е лиценциран играч за РК Пролет 62 за сезона 2021-22 година, изјави Дуковски.


Дуковски, исто така, нагласи дека не го спорат присуството на алкохол во крвта, но дека во вештачењата нема никакво присуство на дрога. – Тоа судот може да го утврди во направените вештачења, рече Дуковски.

Како докази за висината и одмерувањето на казната,  Дуковски,  пред судот достави докази за положени испити на факултет и медали од освони медали – вицедржавен првак во бокс натпревари и доказ од Ракометната федерација дека е регистриран играч.

Пред Судот, одбраната приложи и видео со времетраење од 36 секунди, за кое адвокатот рече дека одбраната сака да го покаже пред Судот односот на обвинетиот Васил Јованов непосредно по стореното дело и неговото искрено каење извикувајќи „леле што направив” и „греота за девојчето”.

Обвинителот во завршен збор, рече дека со оглед на даденото самопризнание останува на обвинителниот акт и го повикува судот да го прогласи за виновен и казни по закон, согласно изведените докази.

Адвокатот на семејството Кулакови, во завршен збор побара највисока казна за обвинетиот, земајќи го отежнителните околности дека влегол во возило и управувал без возачка, под дејство на алкохол и без почитување на сообраќајните правила.

Според обвинението, на 29 јануари 2025 година, Васил Јованов, без возачка дозвола и под дејство на алкохол, управувал возило со брзина од 91 километар на час на булеварот „Партизански одреди“ во Скопје. На пешачки премин, на црвено светло, удрил во Фросина Кулакова, која поминувала на зелено светло за пешаци. Од силата на ударот, Фросина се здобила со тешки телесни повреди и починала на лице место. За делото за кое се товари Јованов е предвидена затворска казна до 20 години. 

Во меѓувреме, Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинителен предлог и против таткото на Васил, Зоран Јованов, за кривично дело „предизвикување општа опасност“ од член 288 став 4 во врска со став 1 од Кривичниот законик. Обвинението се однесува на периодот од 04.11.2022 до 30.01.2025 година, во кој Зоран Јованов дозволувал на својот син Васил Јованов да управува патничко моторно возило „Пежо 207“, иако знаел дека синот нема возачка дозвола и е повеќекратен сторител на сообраќајни деликти вклучително и сообраќајната несреќа во која животот го загуби 22-годишната Фросина Кулакова.

Зачлени се на нашиот е-билтен