Пржинскиот договор беше постигнат во 2015 година како политички договор помеѓу четирите најголеми политички партии во Македонија (ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ДПА) со посредство на Европската унија, со цел да се надмине длабоката политичка криза во земјата.
Како што е познато на Пржинскиот договор му претходеше политичката криза во земјата откако владеачката ниоменклатура со Никола Груевски на чело, одбиваше да ги прифати укажувањата на домашните политички партии и на граѓанскиот сектор, како и на меѓународната заедница, дека земјата е веќе длабоко навлезена во политичка и институционална криза за која Европската комисија оцени дека е резултат на „заробената држава“.
Причините за Пржинска влада се исти денес како и пред 10 години
Постигнувањето на Пржинскиот договор беше донесен конкретни заради следните причини:
– За да се избегне ескалација на политичкиот конфликт и можни насилства.
– За да се врати довербата во изборниот процес.
– За да се спречи натамошна меѓународна изолација на Македонија.
– За да се расчистат сериозните обвинувања за масовна злоупотреба на институциите.
Од она што беше предвидено да го овозможи Пржинскиот договор, се реализираа само предвремени избори откако беа направени некои измени за нивна подготовка и за фер изборни услови. Пржинскиот договор предвидуваше така наречена „пржинска“ или техничка влада во перидот од распишувањето до спроведувањето на изборниот процес во која се предвиде заради поголема контрола во извршната власт да влезат технички премиер, што доаѓа(ше) од партијата на власт, како и министри претставници на опозицијата и тоа во ресорите полиција, труд и социјала и дополнителни заменици министри од опзицијата во уште неколку други ресори.
Затоа, бидејќи причините за неопходност од техничка влада се идентични какио и пред 10 или 11 години, предлогот на премиерот Христијан Мицкоски за свикување на лидерска средба на 14 јануари наиде на експресно одбивање од страна на претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
Овој потег ја продлабочи јазот помеѓу двата најголеми политички блока, при што Мицкоски го окарактеризира однесувањето на опозицијата како „незрело“ и „безидејно“. Од друга страна, Филипче ја отфрли поканата уште пред таа официјално да пристигне, тврдејќи дека нема намера да учествува во процеси кои, според него, служат само како алиби за криминалните политики на ВМРО-ДПМНЕ. Ваквата реторика води кон целосен прекин на комуникацијата за клучните стратешки прашања, вклучувајќи ги и реформските закони и изборот на Народен правобранител.
Судбината на техничката влада
Централна точка на спорот е предлогот за укинување на таканаречената „Пржинска влада“, механизам воведен за гарантирање на фер избори преку учество на опозицијата во извршната власт 100 дена пред гласањето. Христијан Мицкоски нагласи дека владејачкото мнозинство во Собранието поседува капацитет, вклучувајќи и двотретинска поддршка, за самостојно да го измени законот и да ја укине техничката влада без согласност од СДСМ. Власта аргументира дека овој концепт е застарен и неефикасен. Меѓутоа, за Венко Филипче, техничката влада претставува единствениот преостанат механизам за контрола врз извршната власт, која тој ја обвинува за узурпација на институциите и авторитарни тенденции.
Обвинувања за регионална синхронизација
Анализата на политичкиот дискурс открива обид на опозицијата да го врами делувањето на ВМРО-ДПМНЕ во поширок регионален контекст. Венко Филипче директно ја поврза најавата за можни предвремени избори во Македонија со политичките случувања во Србија, алудирајќи на координација помеѓу Мицкоски и српскиот претседател Александар Вучиќ. Според СДСМ, истовременото најавување на изборни циклуси од страна на ВМРО-ДПМНЕ и Српската напредна странка (СНС) не е случајност, туку дел од организирана стратегија на десничарските партии во регионот за консолидација на моќта. Оваа теза служи за делегитимирање на потезите на власта пред меѓународната заедница.
Стратешките мотиви зад предвремените избори
Иако Владата декларативно повикува на инклузивност, инсистирањето на Христијан Мицкоски дека процесите можат да течат и без опозицијата укажува на самодоверба која произлегува од стабилното парламентарно мнозинство. Евентуалното укинување на техничката влада би му овозможило на ВМРО-ДПМНЕ да влезе во изборен циклус со целосна контрола врз државниот апарат, вклучувајќи ги министерствата за внатрешни работи и за труд и социјала, кои традиционално ѝ припаѓаат на опозицијата во техничкиот период. За СДСМ, ова претставува закана за демократскиот процес, бидејќи партијата стравува дека без овие контролни механизми, изборниот процес би бил компромитиран.
Последици за реформската агенда
Политичкиот ќор-сокак има директни импликации врз евроинтегративните процеси и домашните реформи. Мицкоски најави дека на лидерската средба требало да се разговара и за закони поврзани со Реформската агенда на Европската Унија. Одбивањето на Филипче да седне на маса, и одговорот на власта дека ќе продолжи сама, сугерира дека носењето на системски закони во иднина ќе се одвива преку мајоритарен принцип наместо преку консензус. Оваа ситуација го зголемува ризикот од политичка нестабилност и дополнителна поларизација на општеството, каде што институциите како Собранието стануваат арена за пресметка наместо форум за дијалог.