Петар Ѓ. (62) од Прилеп, кој пред два дена изврши двојно убиство, а потоа се самоуби по вооружен судир со полицијата, легално го поседувал огненото оружје што го употребил во нападот. Иако во минатото бил пријавен за пукање во кафеана, против него постоела само една кривична пријава од 2002 година, која во меѓувреме застарела.
Од ОВР Прилеп потврдуваат дека Петар Ѓ. бил евидентиран само поради тој инцидент, кога бил пријавен за предизвикување општа опасност поради пукање со огнено оружје. Освен овој случај, во полициските досиеја нема други пријави или поплаки за неговото однесување.
„Во нашата евиденција постои само една кривична пријава од 2002 година. Станува збор за настан во кој лицето пукало во угостителски објект, но делото е застарено. Освен тоа, немало други интервенции или формални поплаки против него“, соопштија од полицијата.
Оружјето со кое го извршил убиството било стекнато по наследство, а дозволата за поседување била издадена во 2012 година и продолжена во 2022.
Во крвавиот инцидент што се случи на улицата „Стеван Апостолоски“ во Прилеп, животот го загубија Панчо Ч. (43) и неговиот малолетен син Милан Ч. (13). Според информациите од истрагата, Петар Ѓ. прво ги повикал жртвите во својот дом, каде ги застрелал – наводно поради семејни конфликти и нерасчистени имотно-правни прашања.
По нападот, пукал и кон полициските службеници и фрлил рачна бомба, а потоа си го одзел животот.
На местото на настанот биле пронајдени чаури, траги од проектили, рачна бомба М93 и два пиштоли со калибар 9 мм и 7,65 мм. Засега нема потврдени информации за потеклото на експлозивната направа.
Полицијата појаснува дека реагирала веднаш по приемот на пријавата во 21:20 часот, и оти до тој момент не постоела претходна најава или пријава за можно насилство или закани од страна на сторителот.
Денеска, таткото и синот беа погребани на Старите градски гробишта во Прилеп.