Балканската истражувачка мрежа Македонија, односно редакцијата Призма.мк, открива дека триесетгодишниот Драган Крстев се појавува во две компании поврзани со Александар Мијајловиќ и Иван Драгњиќ, осомничени во Србија за шверц на пет тони канабис запленет во Коњух, во мрежа што го пренасочувала легалното производство во Северна Македонија кон црниот пазар.
По два месеци истражување на документи, посета на терен и разговор со неколку луѓе од бизнисот со канабис, новинарите на БИРН Македонија успеаја да разговараат со Драган Крстев, клучна алка во мрежата на компании што ги поврзуваат српските граѓани осомничени за шверц на пет тони канабис, пронајдени во јануари оваа година во селото Коњух во близина на Крушевац.
Крстев, кој има српско и македонско државјанство, поврзува двајца српски сопственици на тие компании, кои се осомничени во Србија за шверц на споменатата количина марихуана, преку две македонски компании за одгледување канабис, пишува БИРН.
Триесетгодишниот Драган Крстев се појавува и како ко-сопственик и како директор во компании во кои осомничените во Србија – Александар Мијајловиќ и неговиот помошник Иван Драгниќ – имале сопственички удели или управувачки функции.
Деловните врски на овој човек од Скопjе водат директно до српска група осомничена за шверц на марихуана, мрежа која, според обвинителството во Србија, го претворила легално произведениот канабис од Македонија во дрога за црниот пазар.
Крстев, како што претходно пишуваше БИРН, бил менаџер на Македонската компанија „Гринлајф“, каде што Мијајловиќ е ко-сопственик, а подоцна станал ко-сопственик на компанијата „Алфафарм“, заедно со осомничениот Драгниќ. Алфафарм, скопска компанија за одгледување канабис, е спомената од страна на Српското обвинителство за организиран криминал во истрагата поврзана со марихуаната запленета во Коњух.
Двајцата осомничени Срби не се појавуваат заедно во ниту една Македонска компанија, туку се претставувани во посебни компании, а ги поврзува Драган Крстев, кој се појавува во обете.
Тој моментално е во Скопjе.
Немал поим дека се криминалци
Новинарите на БИРН Македонија се сретнаа со Крстев минатиот месец во едно од кафулињата во скопската населба Дебар Мало. Обвинителството вели дека го контактирале во врска со случајот „Коњух“ и „Алфафарм“ од Скопско, но тој немал многу да каже, бидејќи ја прекинал соработката долго пред заплената на канабис во Србија.
„Работев со Мијајловиќ точно една година, до јануари 2024 година. Немаше никакви знаци дека тој, неговите луѓе и партнери биле вмешани во криминал“, изјави Крстев за БИРН.
Претходните истражувања открија детали за клучните луѓе во оваа група, кои БИРН ги спореди со искуството што Крстев, како бизнис партнер, го имал со нив.
Целото истражување на Бирн прочитајте го на линкот: Матни партнери, судења и украден канабис