Признанија за пожарот на Вардариште: Тројца обвинети со каење и подготвеност за соработка

Фото: Денис Јанкуловски

Тројцата обвинети за предизвикување пожар на дивата депонија Вардариште – Мејсут Мемиши, Алмир Асани и Флорин Арифи – признаа вина за кривично дело загрозување на животната средина и природата со отпад. На денешното рочиште во Основниот кривичен суд Скопје, тие изразиле каење за стореното и истакнале дека нема да го повторат делото.

Обвинетите, исто така, се изјасниле подготвени да соработуваат со надлежните за целосно отстранување на отпадот од депонијата. За делото што им се става на товар е предвидена затворска казна од три месеци до три години.

Обвинението било поднесено на 11 септември, поради незаконско оставање и транспортирање на отпад на улицата „Зендел Џемаил“ во Скопје, што создало диви депонии и довело до неконтролиран пожар на 9 јули годинава. Пожарот сериозно влијаел на квалитетот на почвата и воздухот, создавајќи опасност по животот и здравјето на луѓето.

Летово, на 31 август избувнал уште еден пожар на истата депонија, при што непријатната миризба се чувствуваше речиси низ цело Скопје, особено во општините Гази Баба и Аеродром. Пожарите предизвикаа реакции од локалното население, кое организираше блокади на мостот „Близнаци“ барајќи надлежните да го решат проблемот со дивата депонија.

Зачлени се на нашиот е-билтен