На пет лица им се става на товар кривичното дело фалсификување пари, додека првообвинетиот и уште едно лице се обвинети и за кривично дело – Правење, набавување или отуѓување средства за фалсификување, соопштија во Јавното обвинителство, од каде што поднеле обвинителен акт лицата за кои постои основано сомнение дека како злосторничка група, организирана од првоосомничениот, сториле кривични дела против јавните финансии, платниот промет и стопанството.
Како што се наведува, од крајот на 2023 година до февруари 2025 година, првообвинетиот на територија на македонска и српска територија создал група на која припадници станале останатите обвинети – македонски државјани и шест српски државјани за кои постапката се води во Р. Србија.
„Првообвинетиот неовластено набавил и држел опрема и материјали за правење на лажни банкноти – евра во апоени од 20, 50, 100 и 200 евра, кои припадниците на групата ги дистрибуирале до заинтересираните купувачи во Р. Србија по цена од 25-30% од номиналната вредност на вистинските банкноти. Шестообвинетиот неовластено изработувал машини и делови за правење лажни пари и истите ги одржувал. Од јуни 2024 година до јануари 2025 година 114.150 лажни евра, групата ги продала за 42.400 евра“, се наведува во соопштението од Обвинителството.