Продуктивноста на нашите работници е 50 отсто од онаа на работниците во ЕУ, што значи дека на еден европски вработен потребни се двајца наши вработени. Тоа не е проблем само на работниците, туку и на компаниите, особено на малите фирми и новоформираните бизниси кои не дека не сакаат да имаат попродуктивни работни места и да бидат поуспешни, туку се соочуваат со проболеми во однос на конкуренцијата, финансирањето на своето работење, технолошкиот и техничкиот развој,…, изјави денеска претседателката на Организацијата на работодавчи на Македонија (ОРМ), Владанка Трајкоска.
Пред почетокот на конференцијата по повод јубилејот, 20 години од постоењето на ОРМ, Трајкоска истакна дека само со успешни и продуктвни работни места можеме да имаме поразвиена економија.
-Продуктивноста е темелот на секоја успешна компанија и движечка сила за одржлив економски развој на целата земја. За да ја зголемиме, потребно е да почнеме да делуваме веднаш, преку добро обмислени и решителни реформи кои ќе ја подобрат бизнис климата, ќе значат елиминирање на системската корупција, ќе го подобрат пристапот на фирмите до финансии и ќе ги поттикнат инвестициите и иновациите во модернизација на домашната економија, рече Трајкоска.
Според истражувањето кое за потребите на ОРМ го спроведе Институтот за економски истражувања и политики „Finance Think“, фирмите во земјава стануваат се помалку ефикасни во користењето на основните фактори на производство – трудот и капиталот. Компаниите со странски сопственици имаат дури четири пати повисока продуктивност од домашните, додека извозно ориентираните се значително попродуктивни од оние што работат исклучиво на домашниот пазар.
Ограничениот пристап до финансии, слабите институции и корупцијата се главните пречки за растот на продуктивноста и развојот на македонските фирми. Овие фактори ја нарушуваат конкуренцијата и создаваат долгорочна непредвидливост која ги обесхрабрува инвестициите и иновациите, кои пак, заедно со добрите менаџерски практики и вештините, имаат суштинско значење за долгорочна конкурентност на домашните компании, се дел од клучните наоди.
Заменик – министерот за економија и труд, Марјан Ристески се осврна на социјалниот дијалог чија цел е, рече, креирање економски политики, подобрување на квалитетот на живеење, зачувување на животниот стандард и напредок на целокупната економија во државата.
-Згоелмувањето на продуктивноста на нашите компании е од исклучителна важност за развојот на македонската економија, истакна Ристески.
На конференцијата стана збор за реформите, законските регулативи за подобрување на деловната клима, можноста компаниите полесно да користат финансиски средства и по поволни услови, дигитализацијата на општеството и борбата со криминалот и корупцијата.