Изминатите години, Скопје и другите градови низ Македонија се соочуваат со интензивна градежна офанзива, но во јавноста сè почесто се поставува прашањето за квалитетот и безбедноста на новите градби. Ова прашање е од особено значење за градежната фела, но и за граѓаните, кои секојдневно се сведоци на предизвиците кои ги носи современото градење.
Соња ТАНЕСКА
Според проф. д-р Дарко Наков од Градежниот факултет во Скопје и претседател на Друштвото на градежни конструктори на Македонија, во однос на регулативата, доста сме регулирани.
-Постои строга регулатива во тој поглед и сме една од ретките земји во кои е пропишан таков вид контроли и на проектирањето и на градбата. Од 2013 година, во Законот за градење е вметната дополнителна контрола на сеизмичката стабилност, носивоста и механичката отпорност на конструкциите, која до скоро се работеше во Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија, вели професорот Наков.
Во земјава постојат уште два такви института, кои паралелно работат такви стручни мислења.
-Покрај тоа што го даваат стручното мислење, се обврзани да излезат на терен барем два пати во текот на градбата. Сметам дека со таа одредба, одредени ризици се елиминираа од неквалитет, но тоа не е целосно. Ако сите учесници во градбата не се свесни, не се одговорни или немаат соодветен степен на знаење, не можеме да стигнеме до квалитетна градба. Треба да бидеме свесни за тоа. Мора сите чинители во процесот на градење да поседуваат одговорност и знаење за на крај да имаме квалитетна градба. Колку и да е тоа централизирано регулирано, невозможно е да ни дава стопроцентна гаранција дека ќе дојдеме до она што го сакаме, а сите сакаме да спиеме мирно и да имаме квалитетни домови, работни места, јавни простории, други згради, итн. Многу е тешко и неблагодарно да се даде генерална проценка за квалитетот на градбите во Македонија. Една граница ни е многу јасна, пред скопскиот земјотрес од 1963 година и по него. Оттогаш има сериозен напредок во квалитетот на градење. Сепак во минатото беше срамно да направите лош проект, беше срамно да излажете за некои резултати за квалитетот на материјалите, итн, додава тој.
Според професорот Наков ретки се сериозните градежни компании во кои се остварува генерациски пренос на знаење и кои вложуваат во знаењето на своите инженери. Сето тоа придонесува да имаме место за подобрување.
Што се однесува до Скопје професорот вели дека овој град има специфични геолошки и климатски услови кои значително влијаат на квалитетот на објектите. Тој посочува дека подземните води се еден од најголемите предизвици.
-Каде и да почнете да градите во Скопје, на само неколку метри под површината ќе наидете на подземна вода,“ вели тој, додавајќи дека ваквата состојба бара посебни мерки. Постои технологија која овозможува справување со овој проблем – како употреба на хидроизолација, додатоци во бетонот и специјални премази кои обезбедуваат заштита на објектите од влагата, за жал некаде не се применува целосно, па имаме згради во кои често се поплавуваат подрумските просотрии, вели тој.
Сепак, проблемите не завршуваат тука. Професорот потсетува дека поплавите можат да бидат сериозен ризик, дури и за новоизградени објекти, ако не се води доволно внимание на деталите.
-И трговски центри ни се поплавија, што покажува дека проблемите често се кријат во малите несовршености при изведбата на крововите или при неправилна изолација,“ нагласува тој. Ова укажува на потребата од високо ниво на прецизност во сите фази на градежниот процес.
Во однос на безбедноста на новоградбите, проф. Наков уверува дека легално изградените објекти, кои ги поминале сите неопходни проверки и стандарди, се сигурни. Тој објаснува дека процесот на градење мора да вклучува проектирање со соодветна ревизија, добивање мислење од релевантни институти за сеизмички отпорни градби, како и квалитетен изведувач и стручен надзор кој редовно го посетува градилиштето. Ваквите објекти, според него, не треба да бидат причина за загриженост на граѓаните.
Од друга страна, проблем претставуваат дивоградбите и доградбите.
-Тие се најризичната категорија на градби кога станува збор за природни појави како земјотреси и поплави,“ предупредува проф. Наков.
Тој објаснува дека самиот концепт на доградби и надградби е погрешен, бидејќи тие често водат до несоодветно однесување на објектите при земјотрес.
-Кога ќе додадете еден мал тесен објект до голема зграда, нивните различни флексибилности може да доведат до судир и деформации, вели тој, додавајќи дека токму ваквите интервенции би можеле да бидат најголемите слаби точки при некој посилен земјотрес. Тие не само што не ги исполнуваат урбанистичките и архитектонските стандарди, најлошо е што не ги исполнуваат конструкторските стандарди во најголем број случаи. Тоа е една авантура во која не смеевме да влеземе, а започна во 90-тите години на минатиот век, кога го дочекавме влегувањето на приватниот капитал во градежништвото неподготвени, без соодветна законска регулатива и без соодветна свест колку е моќен приватниот капитал и колку може тој да отвора порти на различни нивоа. Таму одлуката е профитот. Повредливоста на тие објекти е многу поголема отколку на објектите што се изградени од почеток како што треба, вели професорот Наков.
Покрај тоа, професорот се осврнува и на проблемот со градбите на Водно. Тој смета дека високите згради на падините треба да бидат ограничени, бидејќи го нарушуваат природниот тек на воздухот и придонесуваат за загадувањето.
-Тие згради не само што го блокираат погледот, туку со својата тежина го оптоваруваат теренот, што може да доведе до сериозни последици при поплави или лизгање на земјиштето, предупредува проф. Наков.
Сите овие аспекти го нагласуваат значењето на деталното планирање, професионалната изведба и строгата контрола во процесот на градење. Само преку почитување на стандардите и примената на современи технологии, може да се обезбеди сигурноста на градбите и заштита на животната средина во урбаните средини како Скопје.