Професор Трајковски: Брзата пруга Табановце-Гевгелија може да биде уште еден неисплатлив проект како „Скопје 2014“

Во јавноста во последните денови се пласираат информации дека проектот за брза пруга од Табановце до Гевгелија, чија вредност се проценува на околу 2 милијарди евра, ќе носи годишни приходи од 120 милиони евра. Според најавите, инвестицијата би се вратила за 17-18 години, што звучи како привлечна финансиска можност. Меѓутоа, професор Дејан Трајковски од Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Технички Факултет Битола предупредува дека овие пресметки се далеку од реалноста и во најмала рака се манипулативни.

„Владата и дел од опозицијата не прават разлика меѓу приход и добивка, што е суштинска грешка. Од годишните приходи од 120 милиони евра, најголем дел се трошат за оперативни и инфраструктурни трошоци. Само околу 12 до 20 проценти од приходите реално можат да се издвојат за отплата на кредитот“, објаснува Трајковски. Според него, тоа значи дека железницата може да издвојува најмногу 14 до 24 милиони евра годишно за отплата на ануитети, а државата, доколку сака, може да помогне со уште максимум 20 проценти преку буџетски средства. Но, дури и со оваа помош, времето на отплата би било драстично долго – помеѓу 83 и 143 години без камати, а со нив речиси 200 години.

„Проектот со отплата подолга од 30 години е јасно губитен, слично на автопатиштата изградени од странски компании кои сега создаваат финансиски проблеми“, додава Трајковски.

Професорот направи и пореална пресметка базирана на 30-годишен кредит со каматна стапка од 4%, според која годишниот ануитет е околу 115,66 милиони евра. „Тоа значи дека и со сите наведени приходи, скоро целата сума би отишла за отплата на кредитот, без да се покријат оперативните трошоци. Вкупно, за 30 години би требало да се вратат околу 3,5 милијарди евра, што е финансиски неодржливо.“

Трајковски укажува и на реалната можност за приходи од товарниот сообраќај. Според статистички податоци од 2023 година, вкупниот превоз на стоки преку железницата во Македонија изнесува околу 463.000 тони, а тоа на трасата Табановце-Гевгелија би донело само околу 3,4 милиони евра приходи. „Дури и доколку овие приходи се зголемат десеткратно, тие ќе останат четири пати помали од владините проценки“, нагласува тој.

Во дополнителен дел од анализа, професорот ги споредува проекциите со товарниот промет од пристаништето Пиреа во Грција, од каде годишно се транспортираат околу 2,5 милиони тони кон Источна и Централна Европа. Според него, дури и ако Македонија успее да привлече половина од овој товар, приходите би биле околу 22,8 милиони евра, што за отплата на заемот би било потребно околу 439 години.

„Проблемите на граничните премини и царинските процедури значајно го намалуваат потенцијалот трасата преку Македонија и Србија да стане главна алтернатива на побрзата, но поекономична траса преку Бугарија и Романија,“ појаснува Трајковски.

Покрај тоа, професорот посочува дека градењето на новата пруга ќе ја попречи реализацијата на стратешкиот проект „Вардарска Долина“ со 12 хидроцентрали, којшто, за разлика од пругата, е проект што би се исплатил и би имал долгорочна корист за државата.

„Градењето инфраструктура заради инфраструктура, без реална економска основа, е ризично и штетно. Ова го видовме и со проектот „Скопје 2014“, кој создаде долгови без вистински економски ефект“, заклучува професорот Трајковски.

Зачлени се на нашиот е-билтен