Професорот Узунов: Македонија ја живее најлошата економска состојба во последниве децении

Во разговор за Рацин.мк, универзитетскиот професор Ванчо Узунов вели дека моменталната економска состојба во Македонија како катастрофална, укажувајќи дека ситуацијата е полоша дури и од периодите на економска криза што земјата ги поминала во минатото. Тој посочи дека ниту во 2008 година, кога светската економија беше погодена од глобалната финансиска криза, состојбата не била толку драматична како што е денес.

Соња ТАНЕСКА

Професорот предупреди дека меѓународните тури на владините претставници, кои често се претставуваат како дипломатски и економски иницијативи, всушност се без суштински резултати. „Станува збор за скапи екскурзии, без конкретни бенефити за државата“, вели тој, додавајќи дека тоа се само изговори за трошење јавни пари.

Узунов е дециден дека не постои никаква реална надеж дека Македонија ќе добие директна поддршка или помош од земјите со кои власта се обидува да воспостави економски врски.

„Сите имаат свои интереси, а тие интереси ретко кога се поклопуваат со интересите на Македонија. Ништо нема да ни дојде како подарок“, предупредува тој.

Европската Унија – единствена сериозна опција

Според професорот, најдобрата економска стратегија за Македонија останува постепената интеграција во заедничкиот пазар на Европската Унија.

„Тоа не е единствената можност, но апсолутно е најдобрата“, вели Узунов. Тој потенцира дека формалното членство е помалку важно од суштинската интеграција – постепено прилагодување на стандардите, отстранување на бариерите и зголемување на способноста за извоз и економска соработка со ЕУ.

Меѓутоа, според него, македонската влада не покажува искрена намера да го спроведе овој процес.

„Сè се прави за да се одложат реформите, а тоа не се признава јавно“, вели Узунов.

Тој укажува дека Европската Унија ја има разоткриено оваа игра и земјата е фактички ставена на пауза – без напредок, без притисок, но и без поддршка.

„Ако се свестиме, ќе не прифатат. Ако не, ќе нè остават сами да се распаѓаме“, додава.

Според Узунов Власта владее без пречка бидејќи опозицијата е речиси непостоечка. Граѓаните се незадоволни, но тоа останува нивен личен проблем“, тврди Узунов. Според него, изборите ќе бидат само уште еден механизам за трошење на последните ресурси. „Ќе асфалтираат по некоја уличка и тоа е сè. Ако нешто радикално не се смени, ќе станува сè полошо – до точка кога државата ќе стане неодржлива“, предупредува професорот.

„Мазохистичка издржливост“ во сиромаштија

Според професорот, Македонија се движи во насока на економска и општествена пропаст.

„Не произведуваме нестабилност, и тоа е добро. Но затоа произведуваме сиромаштија и емиграција. Нас не не доживуваат веќе како закана – само како извор на евтина работна сила“, вели Узунов, укажувајќи дека властите очигледно немаат волја за структурни промени, ниту за стимулирање на инвестиции.

„Имаме закони што никој не ги спроведува – како оној за нефер трговски практики. Манипулациите со цените продолжуваат, а инфлацијата постојано го јаде стандардот. Владата не покажува интерес ни за зголемување на минималната плата“, објаснува тој.

Проблемот со јавниот и државниот долг, според него, е целосно политизирана тема.

„Се користат статистички трикови за да се претстави ситуацијата подобро отколку што е. Долгот не е прашање само на бројка, туку каде се вложуваат тие пари и дали тие вложувања носат поврат. Кај нас – ниту едното, ниту другото“, вели Узунов.

Како особено алармантен го истакнува фактот дека државата нема ни основна евиденција за тоа каде и како се трошат парите, особено на локално ниво и во технолошко-индустриските зони.

„Немаат податок која фирма заминува, која останува, каква е стратегијата. Никој ништо не знае, никого не му е гајле“, додава.

Во услови на слаба опозиција и отсуство на сериозен отпор, власта останува недопрена. „Незадоволни има, ама тоа е нивен личен проблем. Владата ќе продолжи да лаже додека може, и тоа може да потрае“, вели професорот.

Узунов оценува дека цените растат со осцилации, но трендот е јасен – стандардот опаѓа, а владата не покажува волја да ги зголеми платите.

„Граѓаните живеат сѐ полошо, но се покажуваат како народ со висока издржливост и склоност кон мазохизам“, вели тој саркастично.

„Оваа држава може да се распадне“

Узунов завршува со мрачна прогноза: ако не дојде до радикална промена во насоката, Македонија ќе стане неодржлива. „Државата ќе се распадне. Не знам кој на кој дел ќе припадне, но таа е реалноста. Сите индикатори се полоши од година на година“, вели тој.

Како пример за бесцелното трошење и импровизирање, ја коментира идејата за повторно отворање на рудниците како очајнички обид да се најде „нешто вредно“ што би спасило државата.

„Тоа е како кога ќе останеш без пари, па бараш златно запче или старо злато низ фиоките. Тоа не е стратегија, тоа е паника“, коментира Узунов.

Во заклучок, тој порачува дека без сериозна визија, реформи и искрен пристап кон интеграцијата со ЕУ, Македонија ќе продолжи да тоне во сиромаштија и безнадежност. „Стануваме мазохисти кои се навикнале на страдање“, завршува професорот.

Зачлени се на нашиот е-билтен