Просечната нето-плата на програмерите во Македонија во јануари изнесувала 99.367 денари (1.600 евра), што ја прави највисока во државата, според податоците на Државниот завод за статистика. Овој износ е речиси идентичен со просечната плата во Словенија, која изнесува 1.569 евра.
Во јануари, просечната плата во Македонија достигнала 43.050 денари, што е зголемување од 8,9% во однос на истиот месец минатата година. Највисок раст е забележан во секторите „уметност, забава и рекреација“ (15,6%), „административни и помошни услужни дејности“ (12%) и „образование“ (11,4%).
Од друга страна, намалување на платите е регистрирано во „градежништво“ (-6,6%), „преработувачка индустрија“ (-3,5%) и „финансиски дејности“ (-4,5%). Најниска просечна плата е забележана во „објекти за сместување и угостителство“ – 30.932 денари, додека највисока е во „информации и комуникации“ – 80.215 денари.
И покрај растот на платите во последните години, Македонија останува меѓу земјите со најниски примања во регионот. Работниците во Србија во просек заработуваат 924 евра месечно, во Босна и Херцеговина 790 евра, во Црна Гора 1.004 евра, а во Хрватска 1.392 евра. Македонија, иако со значителен пораст на платите во последната деценија, и натаму е при дното во Европа и регионот.