Пролетна прогноза: Врнежи, грмотевици и зголемен ризик од поплави и свлечишта

Пролетта оваа година ќе биде динамична, со нестабилни и врнежливи периоди во првата половина, и потопол период со зачестени грмотевични бури во втората половина. Според прогнозата на професорите Владо Спиридонов и Ивица Милевски од Природно-математичкиот факултет, по крајот на април, времето ќе биде променливо, со можни врнежи и грмежи.

Тие предвидуваат дека температурата во мај ќе биде 1-2°C над просекот, но со зголемена водена пара, што ќе донесе интензивни нестабилности. Во јуни се очекува понатамошно загревање и зголемена атмосферска нестабилност, со ризик од силни невремиња, град и поплави.

„Периодот од 7 до 14 април ќе биде со пониски температури од просечните. За Велигденските празници ќе има постепено подобрување, но на крајот на месецот повторно се очекуваат врнежи и грмотевици“, велат професорите.

Според нивната анализа, продолжените врнежи во април и мај ќе ја заситат почвата, создавајќи „вишок на водена маса“, што ќе ја зголеми можноста за поплави и свлечишта. Зголеменото површинско задржување на водата ќе предизвика речни поплави, особено во котлинските и рамничарските области, како долините на Вардар и Струмица.

Заедно со поплавите, се очекуваат и зголемени ризици од свлечишта и одрони, особено на планинските падини и локалните патишта. Професорите нагласуваат дека овие природни непогоди можат да ги зафатат критичните патни правци, како што се Маврово-Дебар-Струга и Струмица-Берово-Делчево.

„Неопходни се навремени превентивни мерки и активностите за заштита, како и редовна проценка на ризикот од поплави и свлечишта,“ додаваат Спиридонов и Милевски.

Со оглед на прогнозите, важно е институциите и јавноста да бидат подготвени за навремено реагирање на потенцијалните природни непогоди.

Зачлени се на нашиот е-билтен