Промена на времето: попладнево невреме и град, утре значителен пад на температурите

Продорот на посвежа воздушна маса од север ќе предизвика дестабилизација на атмосферата во текот на попладневните и вечерните часови. Се очекува развој на конвективни облаци што на повеќе места ќе донесат пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Најинтензивни атмосферски процеси се предвидуваат во северните, централните и источните делови од земјата, каде локално е можно невреме проследено со силни електрични празнења и појава на град. Во Скопскиот регион исто така постои зголемен ризик од краткотрајни силни врнежи, ветер и град.

Надлежните служби потсетуваат дека за време на невреме граѓаните треба да избегнуваат престој на отворено и под осамени дрвја, а возилата да ги паркираат подалеку од потенцијално нестабилни дрвја.

Денеска максималните температури ќе надминат 30 °C на повеќето места, а во Повардарието ќе се доближат до 40 °C. Утре, 18 јули, со натамошниот продор на свеж воздух температурите ќе се намалат за 4–6 °C, движeјќи се од 25 °C до 34 °C. Времето ќе биде претежно стабилно и суво, со можност за краткотраен локален дожд во претпладневните часови.

Зачлени се на нашиот е-билтен