Пронајдени угинати берберски овци во Зоолошка, сомнежи за труење

Во вторникот, на 11 февруари, при редовната утринска контрола на живеалиштето на берберски овци во Зоолошката градина на град Скопје, биле пронајдени угинати животни. Според информациите од градината, овците не покажувале видливи знаци на повреди и не биле претходно забележани со никакви знаци на болест.

По откривањето на трагичниот настан, веднаш бил повикан инспектор од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) и стручни лица од Факултетот за ветеринарна медицина. Тие направиле целосен увид на лице место и ја отпочнале постапката за обдукција на угинатите животни.

„Причината за смртта ќе биде соопштена кога ќе ги добиеме резултатите од обдукцијата и завршат сите анализи“, изјавија од Зоолошката градина.

Дополнително, тие се сомневаат дека смртта може да биде предизвикана од труење од гранки на растението тиса (Taxus baccata), кое е познато по тоа што може да биде отровно за животните.

„Наша институција редовно и транспарентно известува за сите случувања, а во случај на немил настан, веднаш ги информираме сите надлежни институции за брзо постапување и откривање на причините“, додаваат од Зоолошката градина на град Скопје.

Истражувањето продолжува и се очекува дополнителни информации по завршувањето на анализите и обдукцијата.

Зачлени се на нашиот е-билтен