Проширена листата на локации каде се забрануваат дронови

Агенцијата за цивилно воздухопловство ја проширува листата на населени места каде што има забрана за дронови, соопшти МВР.

Во соопштението на МВР се наведува дека е поставена забрана за вршење на било какви операции со воздухоплови без екипаж (дронови) на територијата на следните населени места:

1. Кочани, вклучувајќи ги с. Оризари, с. Тркање и с. Зрновци,

2. Штип со околните места,

3. Општина Чешиново-Облешево, вклучувајќи ги с. Соколарци и с. Чифлик,

4. Струмица со околните места,

5. Пробиштип со околните места,

6. Македонска Каменица со околните места,

7. Виница, вклучувајќи го с. Липец,

8. Скопје – гробишта о. Бутел, гробишта о. Ѓорче Петров, гробишта с. Горно Лисиче и гробишта с. Горно Нерези.

„Неовластеното, некоординирано оперирање на овие воздухоплови не само што го загрозува воздушниот сообраќај, туку може да предизвика сериозни последици по животот и имотот на трети лица на земја. Оперирање со воздухоплови без екипаж во забранети зони е основ за поведување постапка за санкционирање согласно Законот за воздухопловство“ велат од МВР.

Во соопштението исто така се апелира до граѓаните во овие денови на неизмерна тага и болка во рамки на загарантираното со Устав право на собирање и одржување на протест, истите да се одржат во мирна атмосфера, да се почитуваат веќе донесените одлуки од страна на државните институции и да се почитуваат наредбите и насоките од страна на полициските службеници, во насока на обезбедување на мирот, безбедноста и сигурноста на сите граѓани во државата.

Зачлени се на нашиот е-билтен