Утре во Скопје ќе се одржи протестниот марш „За чист воздух“. Маршот ќе започне пред Министерството за животна средина, ќе продолжи преку Собранието и Владата, а ќе заврши пред Град Скопје.
Организаторите од иницијативата „Шанса за Центар“, заедно со други граѓански организации, потсетуваат дека барањата за итни мерки против загадувањето остануваат без одговор и по претходниот протест од 10 декември.
„Секоја година, над 3.800 луѓе во Македонија умираат како резултат на изложеност на штетните PM2.5 честички, што претставува 17,7% од вкупната смртност во земјата. Особено загрижува податокот дека едно од девет починати бебиња под една година ги губи животот поради загадениот воздух“, се вели во повикот.
Протестот го поддржаа организации како „Зелен хуман град“, „Скопје смог аларм“, „Независни за Карпош“, „O2 Иницијатива“, „Зелените од Гази Баба“, „НаТочак“ и „Go Green“.
Организаторите бараат итни и ефикасни мерки за справување со загадувањето и заштита на здравјето на граѓаните.