Она што семејствата и целата јавност треба да го знае е дека одговорноста не се мери со бројот на приведени. Се мери со тоа колку брзо, квалитетно и правично се спроведува истрагата и судењето.
Љубиша НИКОЛОВСКИ
Под мотото „Марш за ангелите„ денеска семејствата на загинатите во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани доаѓаат во Скопје. Нивниот повик е до сите граѓани на Македонија за да побараат одговори за насилната смрт на нивните деца кои не ги добиваат од надлежните органи.
Освен одговори тие се почесто бараат и одговорност од оние кои ја водат истрагата. На четвртиот протест во Кочани тие побараа одговорност од министерот за внатрешни работи, директорот на Бирото за јавна безбедност и од обвинителството.
Министерот Панче Тошкоски денеска се соочува со интерпелација во Собранието.
Во интерпелацијата е наведено дека се бара оставка од Тошковски пред сè поради несовесно, непрофесионално и селективно постапување за најголемата трагедија во Македонија, Кочани во кој животот го загубија 61 лице.
Во образложението на Интерпелацијата за работењето на министерот за внатрешни работи Тошковски, е наведено дека:
„Иако актуелните функционери и одговорни лица, се скоро една година на својата функција кои се активно одговорни за спроведување на позитивните законски прописи и за теренска контрола во однос на безбедноста и дозволите за работа на угостителскиот објект, не презеле навремени соодветни мерки и пропуштиле да ги истражат и санкцинираат неправилностите поврзани со работата на т.н.Кабаре.
Обвинителствот пак кое најавуваше брза и транспарентна постапка, а кое сега се заглави во масовно приведување разно- разни поранешни функционери, сега лицемерно ги повикува престставнците на семејствата на средба со Јавниот обвинител на Република Северна Македонија и обвинителите кои постапуваат во предметите за да има кажат што? Да се пофалат дека имаат приведено 68 лица, но дека во суштина тапкаат во место.
Не случајно опитни правници укажуваат дека треба да им се објасни сѐ во однос на постапката, да ја знаат реалноста и да знаат што да очекуваат, затоа што постапката со 68 осомничени е проблематична сама по себе.
Власта и институциите деновиве гордо ја истакнуваат бројката на приведени и осомничени лица за трагедијата во Кочани. Оваа бројка требаше да биде доказ дека системот функционира, дека никој нема да биде поштеден и дека правда е на патот да биде испорачана.
Наместо уверување, бројот на осомничени и приведени кај граѓаните предизвикува скепса: зошто се потребни толку многу лица за да се понесе одговорност за трагедија што, очигледно, произлегла од сериозен пропуст во заштитата и контролните механизми? Колку повеќе расте бројката, толку повеќе се губи индивидуалната одговорност, а со тоа се замаглува и вистината за тоа кој навистина згрешил и колку.
Долготрајноста на ваквите обемни процеси е веќе предвидлива. Семејствата на загинатите деца и млади лица ќе бидат приморани со години да чекаат на конечни одлуки, да се соочуваат со процесни одложувања, формалистички постапки, па дури и можни ослободувачки пресуди поради слаби или непоткрепени обвиненија. Она што денес се слави како решителност, веќе утре може да се претвори во хронична неправда.
Имено и теоријата и праксата покажала дека масовни и комплексни случаи страдаат од:
- Долготрајност на процесот – Рочиштата се одложуваат, судењето може да трае со години поради голем број учесници и докази, бидејќи треба да се сослушаат многу сведоци, да се изведат обемни докази, да се обработат многу приговори и барања. Тоа нужно доведува до замор на учесниците. Долгата постапка ги изморува судиите, адвокатите, обвинетите, сведоците и може да влијае врз квалитетот на одлучувањето. Со текот на времето може да се случат промени — осомничени можат да починат, сведоци да заборават детали, докази да се изгубат или да се ослабне нивната важност.
- Индивидуализација на вината: Судот мора за секој обвинет посебно да утврди колкава е неговата вина и улога — што е многу тешко кога сите се обвинети за поврзани дејствија. Индивидуалната одбрана може да се запостави поради големината на процесот. Понекогаш судот мора процесот да го подели во посебни судења (разделување по групи), за да може правично да се постапува спрема различните обвинети. Некои обвинети може да признаат вина, други не, што дополнително ја комплицира постапката — затоа што мора за секого да се утврди фактичката состојба.
- Недостаток на простор и капацитети – Судовите често немаат соодветни услови за вакви масовни процеси.
Не случајно протестниот марш што ќе се одржи денеска во Скопје, во чест на жртвите и како повик за вистинска правда, предизвикува паника меѓу властите. Не е случајно ниту тоа што Обвинителството токму сега, набрзина, реши да ги повика роднините на загинатите на состаноци и објаснувања. Обидот е очигледен: да се ублажи незадоволството, да се отапи острицата на јавниот притисок.
Она што семејствата и целата јавност треба да го знае е дека одговорноста не се мери со бројот на приведени. Се мери со тоа колку брзо, квалитетно и правично се спроведува истрагата и судењето.