Протест по пресудата: Јованов доби 12 години затвор, Врховен суд му ја укина казната за дрога

Само неколку дена пред да биде изречена пресудата за Васил Јованов – кој во јануари ја прегази Фросина Кулакова на булеварот Партизански одреди – Врховниот суд му ја укина претходната казна затвор од три години и десет месеци за предметот поврзан со трговија со дрога.

Пред Универзалната сала попладнево започна протестот кој го најави таткото на Фросина Кулакова, Тодор Кулаков, по објавувањето на пресудата за сообраќајната несреќа која го одзеде животот на неговата ќерка во јануари на булеварот „Партизански одреди“ во Скопје.

Протестот продолжува пред Кривичниот суд во Скопје, каде што се очекува да бидат соопштени барања за законски измени. Организаторите најавуваат дека протестите ќе продолжат сè додека не се постигнат конкретни резултати во подобрувањето на судската пракса и системот за спроведување на правдата.

Протестирачите бараат реформите да вклучуваат подобрување на транспарентноста и отчетноста на судиите, како и зголемување на казните за вакви тешки кривични дела. Семјството на Фросина нагласува дека е потребно да се создаде правен систем кој ќе ги заштити интересите на жртвите и нивните семејства, а не да се претвори во механизам за заштита на обвинетите.

Пресудата за трговија со дрога беше земена како отежителна околност при изрекувањето на новата казна. Вечерва, Кривичниот суд му изрече казна затвор од 12 години, што предизвика бројни реакции во јавноста. Дел од граѓаните сметаат дека казната е прениска, додека други ја оценуваат како максимална во вакви случаи. Јавниот обвинител веќе изјави дека досега нема ваква пресуда за слично кривично дело, но сепак најави можност за поднесување жалба.

Адвокатката Јошевска Анастасовска нагласува дека ваквите предмети се особено сензитивни и повикува на внимателна анализа на казнената политика, вклучувајќи ја и онаа во Европската Унија:

„Сметам дека судот ги земал предвид сите отежителни околности со кои и јавноста беше запознаена, а веројатно има и поширок увид во предметот. Според компаративните анализи, Италија, Франција и Германија имаат построги критериуми за казнување во случаи на смртни последици при безобзирно управување со возило, но и таму казните ретко надминуваат 12 години“, изјави таа.

Кривичниот суд пресуди 12 години затвор за Васил Јованов за сообраќајната несреќа што се случи кон крајот на јануари на булеварот Партизански одреди во Скопје. Тој управувал возило без возачка дозвола, со брзина над дозволената, поминал на црвено светло и ја удрил Фросина Кулакова. Во пресудата се наведува дека судот ги зел предвид и неговите претходни сообраќајни прекршоци, како и претходната пресуда за поседување дрога.

Зачлени се на нашиот е-билтен