Рускиот амбасадор во земјава, Сергеј Баздникин доби протестна нота попладнево, откако беше повикан на разговор во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
„На рускиот амбасадор му беше врачена протестна нота со која се изразува силна осуда и протест за нанесената материјална штета од ракетниот напад на руските армиски сили врз Киев, при кој беше погодена и Амбасадата на Република Северна Македонија“, информираат од МНР.
Во денешниот руски напад врз Киев оштетени се амбасадите на Северна Македонија, на Албанија, на Аргентина, на Палестина, на Португалија и на Црна Гора, изјави портпаролот на украинското Министерство за надворешни работи, Георгиј Тихи.
При нападот немаше повредени странски дипломати, но беше причинета материјална штета.