Првите македонски банки вклучени во СЕПА – старт на ерата на побрзи и поевтини плаќања во евра

Четири македонски банки – три големи и една средна – се впишани во регистарот на Европскиот совет за плаќања (ЕПС) како први учесници од земјава во европската шема за кредитни трансфери во евра, позната како СЕПА. Со оваа одлука, Македонија и официјално го започнува своето оперативно членство во Единствената област за плаќање во евра.

Овие банки ќе започнат со вршење на СЕПА-кредитни трансфери од 6 октомври 2025 година, а се очекува до истиот датум во системот да се приклучат и останатите осум деловни банки од земјата, кои најавија дека ќе поднесат барања во текот на летните месеци.

Македонија стана полноправна членка на СЕПА на 6 март 2025 година, кога ЕПС го прифати барањето за приклучување поднесено од Народната банка. Со ова се отворија вратите за интеграција на македонските финансиски институции во единствениот европски платежен простор што опфаќа 41 земја.

Придобивките за граѓаните и стопанството се значајни – се најавуваат побрзи, поефикасни и поевтини прекугранични плаќања во евра, што ќе овозможи и поголема економска поврзаност со европскиот пазар.

Народната банка, која ги координираше активностите за приклучување кон СЕПА, останува посветена на следните фази од интеграцијата и најавува редовно информирање на јавноста за натамошниот напредок.

Зачлени се на нашиот е-билтен