Quo vadis? Во која насока се движиш ВМРО ДПМНЕ?

ВМРО ДПМНЕ во моментов членува во ЕНП, но поради долгогодишната идеолошка блискост со ФИДЕШ, започната и зацврстена од Никола Груевски кој (не) случајно престојува во Унгарија, а сега очигледно забетонирана од Мицкоски, никој не треба да биде изненаден доколку и најмасовната македонска партија стане дел од ова „убаво“ друштво на европската крајна десница. Можеби и единствената полза од тој маневар ќе биде можноста за историско реобединување на ВМРО ДПМНЕ и ВМРО БНД на Џамбаски, барем за почеток на европската политичка сцена.               

Тони ПОПОВСКИ

„Разговаравме за регионот и прашања поврзани за интеграциите на Македонија во ЕУ. Ја потенциравме потребата од економска соработка и борбата против корупцијата и криминалот како регионален предизвик. Со премиерот на Унгарија Виктор Орбан договоривме заедничка соработка на тимови на ВМРО-ДПМНЕ и ФИДЕШ за размена на искуства и поддршка во процесот на изработка на изборната програма за претстојните избори“ изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски за време на Генералното собрание на „Центристричката демократска интернационала“, кое неодамна се одржа во Словенија.

Едно кусо појаснување кој е Виктор Орбан и ФИДЕШ, наменето за неопределените избирачи, но и за членовите и симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ, а особено за интелектуалците и идеолозите на старото и новото ВМРО ДПМНЕ.

Да започнеме со идеолошкото позиционирање на Орбан и ФИДЕШ, кои поминаа низ впечатлива идеолошка еволуција од ултра-либерална кон ултра-националистичка партија. Во моментов се декларираат како демохристијани и партијата ја опишуваат како конзервативно – христијанска. Поврзано со делувањето во Европскиот Парламент, до пред извесно време беа членка на Европската народна партија (ЕНП/EPP). Впрочем, претходно поумерениот Виктор Орбан, цела декада (2002 – 2012) вршеше функција на потпретседател на ЕНП. Разводот кој се случи, пред сѐ по иницијатива на ЕНП, беше особено бурен. Можеби најдобра илустрација на разидувањата е објаснувањето на Доналд Туск, поранешен претседател на ЕНП:  „Ако сте против владеењето на правото и независното судство, ако не ги сакате слободниот печат и невладините организации, ако толерирате ксенофобија, национализам и антисемитизам, ако ја ставате државата и нацијата против или над слободата и достоинството на поединецот, ако сакате да го замените западниот модел на либерална демократија со источен модел на „авторитарен демократија“, вие не сте демохристијани“.

Во моментов, Орбан и ФИДЕШ по сопствена воља се изолирани и неврзани, но претпоставка е дека овој статус нема да го задржат долго време бидејќи во тек е активно меѓусебно кокетирање со силни елементи на политичко пазарење со две групации на крајната десница, и тоа: „Европските конзервативци и реформисти“ предводени од водечката полска „Партија за правото и правдата“, и водечката италијанска партија “Браќата на Италија“, шпанскиот „Вокс“, а во оваа дружина свое идеолошко место има најдено и ВМРО БНД на Ангел Џамбаски, како и другата групација, наречена „Идентитет и демократија“, предводена од “Лига – Италија“ на Матео Салвини (вториот celebrity партнер на ВМРО ДПМНЕ), која е коалициски партнер на “Браќата на Италија“, потоа „Националниот Фронт“ на Марин Ле Пен и „Алтернативата за Германија“ чиј партиски подмладок од страна на германската влада и надлежни судски инстанци од неодамна е прогласен за екстремистички и закана за демократијата, проследено со низа санкции по тој основ. Притоа, предвид треба да се имаат и тековни разговори за обединување на овие две групации во еден заеднички фронт, кој би им парирал на трите мејнстрим групации во Европскиот Парламент.

ВМРО ДПМНЕ во моментов членува во ЕНП, но поради долгогодишната идеолошка блискост со ФИДЕШ, започната и зацврстена од Никола Груевски кој (не) случајно престојува во Унгарија, а сега очигледно забетонирана од Мицкоски, никој не треба да биде изненаден доколку и најмасовната македонска партија стане дел од ова „убаво“ друштво на европската крајна десница. Можеби и единствената полза од тој маневар ќе биде можноста за историско реобединување на ВМРО ДПМНЕ и ВМРО БНД на Џамбаски, барем за почеток на европската политичка сцена.               

Сега, да продложиме со квалитативните аспекти на она што ВМРО ДПМНЕ го учеше од ФИДЕШ како политики и модел на владеење,  а на кој партијата на наредните собраниски избори ќе има можност да магистрира, а можеби и да докторира.

Виктор Орбан е докажан велемајстор на прилагодување на изборните правила кон целта за апсолутно владеење. Долго време владее со апсолутно мнозинство, кое впрочем му овозможува постојано да ги прилагодува изборните правила, покрај прилагодувањето на сето останато поврзано со легислативата. Многупати ќе прочитате дека Орбан е симбол на „апсолутното“, па во таа смисла има апсолутна контрола на безмалку сите медиуми во Унгарија. На опозицијата во Унгарија за пренесување на пораки и се достапни само неколку  интернет страници за вести, неколку печатени медиуми со занемарлив тираж, една радио станица за стриминг и дел од кабелска телевизија која емитува само во Будимпешта. Вистински куриозитет во рамки на ЕУ  беше одвојувањето на само 5 минути (вкупно) на националната телевизија за лидерот на опозицијата, Петер Марки-Зај и тоа во работен ден во утрински термин.  Поврзано со апсолутното кај Орбан е и контролата врз судството, како и докажувањето лојалност од страна на активниот деловен сектор во Унгарија кон ФИДЕШ, како индиректен и директен предуслов за пристап кон инвестициите со јавни средства. Мисијата на ОБСЕ во 2022 година објави наоди за прекршување на изборните стандарди со заклучок дека Унгарија сепак не спроведе фер собраниски избори – „бидејќи пораката на владата беше единствената што гласачите можеа да ја слушнат и затоа што огромни јавни средства беа трошени во корист на кампањата на ФИДЕШ“.

Друга крупна одлика на ФИДЕШ која би се (до)транспонирала во изборната програма на ВМРО ДМНЕ е водење на кампања која прилега на „војна на културите“, со категорични политички ставови (не ретко расистички) против имиграцијата, правата на ЛГБТ заедницата и „либералните“ вредности, бранејќи го притоа унгарскиот етнички национализам, неретко проследено и со најчесто страничан но не ретко и отворен антисемитизам.  Ова последново, не сум најсигурен како ВМРО ДПМНЕ би го артикулирало, во случај доследно да го следат пристапот на докажаниот ментор и партнер, иако би можеле да се обидат. 

И за крај, еден коментар за односите на Унгарија со ЕУ во моментов.

Унгарија на Орбан е европски шампион во употреба на ветото. Бугарија е само почетник во споредба со Орбан. Од страна на мнозинство од другите членки на ЕУ е постојано и силно критикувана за неодмерено и непринципелно користење на оваа алатка, а особено после употребените вета за неколку клучни мерки поврзани со војната во Украина, како што беше забраната за увоз на руска нафта ширум ЕУ, пакетот финансиска помош од 18 милијарди евра за Киев и договорот постигнат со посредство на ОЕЦД, да се наплаќа минимален корпоративен данок од 15%. Орбан ги повлече ветата, дури откако едностраните барања на Будимпешта (читај, уцена), и тоа во критичен геополитички момент, беа целосно исполнети од страна на ЕУ.

Предизборната употреба на јавните средства во 2022 година го оптоварија унгарскиот Буџет, до степен да Владата на Орбан веќе потроши голем дел од достапните пари на ЕУ за негова санација. Брисел во моментов задржува близу 28 милијарди евра наменети за Унгарија, а Будимпешта нема да го добие целокупниот износ на парите додека не спроведе 27 таканаречени „супер пресвртници“ преговарани со Комисијата, претежно во доменот на владеење на правото, ефективното спроведување на Повелбата за фундаменталните права на ЕУ и овозможување на значајно вклучување на граѓанското општество во унгарските демократски процеси и владеење.

Одржувањето на Орбановиот систем на владеење во Унгарија бара вложување на огромни ресурси кои во значаен дел ги обезбедуваше ЕУ. Сепак, изгледа дека на таа практика конечно и е ставен крај. И тоа во момент кога ВМРО ДПМНЕ се надева на нов почеток на владеење, секако, со отворена поддршка на сѐ „порасположениот“ за компромиси кон ЕУ, Виктор Орбан.

Треба да знаете
Moже да ве интересира