Документите и службените статистики укажуваат на зголемен број случаи на семејно насилство, но и на недостиг од стручен кадар и советувалишта.
Автори: Мирјана Трајкова* и Орце Костов**
На 15 септември, среде бел ден, скопјанецот Илија Стефановски во центарот на Велес ги избоде до смрт 31-годишната поранешна партнерка Росица и нејзиниот 68-годишен татко, а потоа си го одзеде и својот живот. Пет дена претходно Илија бил прогласен за виновен за загрозување на сигурноста и за насилство врз поранешната девојка Росица Коцева, при што добил условна казна.
Фемицидот во Велес ја згрози велешката јавност, која комуницирајќи на социјалните мрежи отвори многу прашања: Способен ли е системот да ги заштити жртвите на насилство и да не дојде до фатални последици? Доволни ли се казните? Имаат ли центрите за социјални работи доволно средства и стручен кадар? Дали полицијата може да ги заштити жртвите? Дали државата располага со доволно засолништа и советувалишта? И дали жртвите што се спасиле од пеколот, имаат институционална поддршка да продолжат да живеат во земјава?
Жртвите сѐ повеќе се охрабруваат да го пријават насилството
Во последните години е зголемен бројот на жени што се жртви на семејно насилство во Велешко. Тие се најчесто членови на семејства во кои мажите се алкохоличари, зависници од дрога, или во кои жените се економски зависни од платата на сопругот. Овие жени се срамат да кажат дека се тепани, сексуално злоставувани или омаловажувани, но молчат и поради страв од помислата дека ќе им го скратат правото на своите деца да растат покрај двајца родители.
Проблемот со насилството, а особено семејното насилство во Велес и блиската околина, има повеќе аспекти или слоеви. Од препознавање на насилството, особено психичкото, пријавување на случаите, реакција на надлежните, капацитети на институциите какви што се центрите за социјална работа, полицијата, казнената политика, превенцијата и неизвесноста што жртвите знаат дека ги очекува при почнувањето на новиот живот, посебно на социоекономски план.
Според податоците што ги добивме од Министерството за социјална политика, демографија и млади, стапката на пријави на семејно насилство во Велешкиот Регион за 2024 година е за 6 проценти зголемена во однос на 2023-та. За 2025 година немаат официјални бројки затоа што сѐ уште се собираат податоците за последниот квартал, но пријавите за првиот, вториот и третиот квартал укажуваат на благо зголемување на бројот на жртви. Оттаму велат дека зголемениот број пријави се должи на постојаните кампањи за подигнување на јавната свест за пријавување на насилството врз жени и семејното насилство, со што самите жртви се охрабруваат да го пријават насилството.
Пред еден месец беа изгласани измените на Кривичниот законик, со кои стореното кривично дело „телесна повреда“ нема да може да биде амнестирано под притисок на насилникот, односно гонењето ќе им биде целосно препуштено на надлежните органи и ќе се гони по службена должност. Досега законот предвидуваше гонење само по предлог на жртвата што оставаше простор насилникот да остане на слобода, поради можноста жртвите да ја повлечат пријавата.
Повикот во полиција е првиот контакт на жртвата со институциите
Начинот на однесување на институциите какви што се полицијата и Центарот за социјална работа, е почетниот проблем што го детектираат жртвите, нивните адвокати и експертската јавност што ја сочинуваат психолозите.

Првиот институционален контакт што го прави жртвата на семејно насилство, речиси во сите случаи, е пријавата во полициска станица.
Од СВР Велес велат дека при пријавувањето на семејното насилство во полиција, полициските службеници веднаш се упатуваат на местото на настанот и преземаат соодветни мерки и активности за заштита на жртвата и асистираат за нејзино носење до медицинска установа, а доколку има потреба, жртвата му се предава на Центарот за безбедно згрижување лица жртви од семејно насилство, кој е дел од Меѓуопштинскиот центар за социјални работи во Велес (МЦСР).
МВР е надлежна да предлага до Судот итни мерки што важат до 30 дена, а центрите за социјални работи може да предлагаат до Судот привремени мерки што важат до една година.
„Веднаш по пријавата, МВР презема итна мерка со тоа што доставува Предлог до Основен суд за отстранување на сторителот на кривичното дело од домот и забрана за приближување до домот“, наведуваат од СВР Велес додавајќи дека на секој случај се работи координирано со Јавното обвинителство, Основниот суд и со Центарот за социјална работа.
Нема посебна просторија за прием и сослушување
Додека се чека разрешница на случајот во судот, МВР мора да ѝ осигури безбедност на жртвата и врз основа на донесеното Решение со предлог-мерки, изготвува план каде што се следи текот и динамиката, како и активностите на жртвата. Исто така, полициските службеници прават оперативни проверки и контакти со жртвата четирипати во месецот во однос на почитување на мерките за забрана за пристап.
„Кога има повторено или ескалирано семејно насилство, се постапува соодветно по пријавата, во координација со надлежните институции, и се доставува Известување до ОЈО Велес за извршените кривични дела во последните пет години од страна на сторителот за да имаат на увид за донесување соодветна одлука (пресуда)“, велат од СВР Велес.
Во СВР Велес не е обезбедена посебна просторија за прием и сослушување на жртвите од семејно насилство, ниту, пак, има психолог што по службена должност би бил присутен таму.
Оваа потреба е забележана и на неколку дебати во Велес на кои учествувале сите засегнати институции што работат на оваа проблематика. Барањето произлегува од потребата жртвите, најчесто жени и деца, да се чувствуваат безбедно и поопуштено, а во тоа може да помогне само специјално обучен стручен работник или психолог што работи со жртви од семејно насилство.
Од СВР Велес не одговорија на прашањето дали секторот има утврдено некои институционални пропусти во постапувањето по пријави за семејно насилство во последните години, кога е и зголемен бројот на пријави.
Според податоците што ги добивме од СВР Велес, во текот на 2025 година од пријавените кривични дела во областа на семејно насилство, како жртви се јавуваат 31 жртва од женски пол и 24 жртви од машки пол, а од наведените, 12 женски лица се деца и 13 машки лица се деца. Според националноста на жртвите, 74 лица се Македонци, 23 лица се Роми, 8 лица се Бошњаци, а Албанци се две лица. Поднесени се два предлога за мерки до Основен суд и изречени се 37 мерки за заштита по предлог на Центарот за социјални работи. Во Центарот за привремен престој на жртви од семејно насилство во текот на 2024 година биле сместени две лица, а во текот на 2025 година едно лице.
Жртвата одлучува за себе, но системот мора да ѝ обезбеди реален избор
Свесноста на жртвите е зголемена и тие сѐ повеќе се охрабруваат да пријават семејно насилство, но помошта што може да ја добијат од надлежните институции е ограничена поради недоволните ресурси што ги имаат.
Жртвите на семејно насилство може да се обратат и директно до стручниот тим на Центарот, кој има законска обврска да постапи 12 часа по пријавата, а надвор од работното време секогаш има дежурен стручен работник, кој се јавува кога се пријавува случајот. За секоја пријава, без разлика од каде доаѓа и дали е анонимна, Центарот постапува на истиот начин кога е во прашање семејно насилство.
„Судовите во речиси 99 отсто од случаите изрекуваат мерки што се предложени преку Центарот и даваат голема доверба на нашата процена. Ние предлагаме привремени мерки за заштита на жртвата, кои можат да траат до една година, додека МВР предлага итни мерки што се изрекуваат за 24 часа и траат до 30 дена. Некои од тие мерки што можеме да ги предложиме, ги предлагаме со согласност на жртвата. Таа треба да побара мерки за заштита, освен во случај кога жртвата е дете или лице со делумно или целосно одземена деловна способност. Тогаш ЦСР може да преземе мерки за сѐ што мисли дека е потребно“, велат од Меѓуопштинскиот центар за социјални работи за „Локал Актив Вардар“.
Според нив, има случаи кога самата жртва вели дека не сака ништо, а имале и случаи кога изречени мерки пред Судот жртвата ги повлекувала со изјава и му се враќала на сопругот.
„Како стручни работници некогаш се лутиме, но разбираме дека секој има право да одлучува за својот живот и не сме сигурни каков би бил ефектот на наметнување привремени мерки за заштита. Не е само да се изрече судска мерка како забрана за доближување, па сторителот не смее да се доближи на растојание од 100 метри, ако жртвата од свои причини се врати таму. На крајот од денот, жртвата одлучува за себе“, велат стручните работници од велешкиот Центар за социјални работи.
СВЕДОШТВО: „Загубив бебе затоа што ме тераа да работам“
„Седумнаесет години трпев психичко насилство во брак. Четири години не смеев да се слушнам со мајка ми, ниту ми беше дозволено да ја видам. Пред да влезам во брак, живеев во семејство во кое татко ми пиеше премногу и нѐ малтретираше мене, брат ми и мајка ми. Бидејќи сум живеела во такво семејство, не сакав моите деца тоа да го проживеат, затоа и се решив да пријавам и да ставам крај на малтретирањето“, вели Мила, жртва на семејно насилство и мајка на две малолетни деца, која за „Локал Актив Вардар“ реши да раскаже дел од својата трауматична животна приказна.
Мила со години трпела психичко и економско насилство, не само од сопругот, туку и од неговите родители. А овие два вида насилство се и најтешки да се препознаат.
„На почетокот од бракот бев приморана да работам на нива, не смеев да работам друго, не смеев да се дружам со никого. Но, си реков дека така требало да биде, сепак тогаш имав само 21 година. Ми беше многу тешко затоа што ништо не се смени. Загубив едно дете. Имав ризична бременост и требаше да лежам и да внимавам на себе, но мајката на сопругот ми рече дека тоа е ништо и ме натера да одам на нива. Станав да работам и го загубив бебето. Два месеца го носев мртво и едвај останав жива. Првиот збор на свекорот по случајот беше ‘што ти рекоа, сега можеш ли да раѓаш?’. Минував низ пекол, не ми даваа пари ниту за лекар“, се присетува Мила.
По две години го родила поголемиот син. Наместо да мирува 40 дена, била приморана да стои на мешалка за бетон.
„Големиот син има 12 години, помина низ трауми и ќотек, не знам друго дете дали тоа го поминало. По две години од неговото раѓање, останав бремена со помалиот син. Не сакав да го родам поради малтретирањето, но сопругот и неговите родители не ми дозволија да абортирам. Повторно имав патолошка бременост и едвај останавме живи со бебето на породување затоа што ми застана срцето. Кога направи 40 дена, начекав момент да бидам сама и си заминав кај мајка ми со двете деца“, раскажува Мила.
Таа пријавила во полиција од каде што ѝ кажале да не отвора врата никому додека не пристигнат службеници, но сопругот и родителите биле побрзи. Дошле, ѝ ги одзеле децата и избегале.
„Пријавив во полиција. Свекрвата го одвои детето од мене да не го дојам, го стави на вештачка храна. Некако по 24 часа успеавме да го земеме бебето, а поголемиот син ми го оставија таму затоа што наводно татко му сакал да си го одземе животот без него. Но, тој плачеше премногу и јас по една недела морав поради него да се вратам. Тој се ожени оти го тераа неговите, јас се омажив оти бегав од проблемите што ги имав дома“, вели Мила.
Мислејќи дека ќе најде мир, Мила нашла поголем пекол. Проблемите продолжиле, а освен психичкото насилство станала жртва и на економско насилство.
„Кога децата направија четири и две години, конечно добив дозвола да работам. Но, кредитно ме задолжија. Си купија трактор, автомобил и на момент помислив дека има надеж и дека ќе се средиме како семејство. Но, неговите родители, всушност, доминираа во нашиот брак, а сопругот беше под силно влијание на мајка му. Сопругот замина на работа во Германија, а јас работев на смени. Речиси сите средства што ги испраќаше, завршуваа кај неговите родители, а ние ги добивавме трошките. Тогаш одлучив дека нашите деца не треба да бидат жртви затоа што неговите родители не мислеле за својата иднина и на 30 мај 2025 година се вратив со децата дома кај мајка ми“, одлучила Мила.
Прашана дали се чувствувала безбедно во моментот кога одлучила да си замине, Мила рече дека во секој момент очекувала да биде нападната од семејството.
„Морав да ги заштитам децата од трауми. Таткото на поранешниот сопруг е алкохоличар, а брат му двапати лежел во затвор за семејно насилство. Кога отидов со полиција да ги земам своите работи, тие почнаа пред службениците да ме навредуваат и се обидоа да ме влечат и да ме удрат пред нив. Мораше да дојде интервентна полиција да реагира. Преку адвокат поднесов кривична пријава и бев во Обвинителството на сослушување, но полицајците што беа со мене ја смениле изјавата и лажеле, не знам од која причина. Беа млади службеници и се сомневам дека им е вршен притисок да го сменат исказот“, тврди Мила.
Поради траумите таа завршила во болница на неврологија. Благодарение на третманот на лекарите и нивните совети успеала да застане на нозе. Но, Мила е незадоволна од односот и третманот на центрите за социјални работи. ЦСР Велес донел решение таткото да ги гледа децата секоја сабота, но дома, иако таа барала да ги гледа во просториите на Центарот. ЦСР дал мислење дека таа треба да ја чека судската пресуда за развод за да добива алиментација за децата, а Мила се произнела со мислење дека треба и таткото да ја чека судската пресуда за да може да ги гледа децата.
Сепак, притисоците од семејството не престанале и продолжиле со лажни пријави на социјалните мрежи. Таткото на сопругот објавил на Фејсбук дека наводно таа си ги киднапирала децата и ги објавил со име и презиме. Поради ова семејството добило мерки за забрана за приближување.
„Кривичната пријава ми е отфрлена во моментов и како што ме информираше адвокатот, пратена е на Апелација затоа што полицајците дале лажни искази. Досега се одложија четири судења, а следното рочиште е на почетокот на март“, вели Мила.
Благодарение на Хелсиншкиот комитет по три месеци успеала да земе решение дека е старател на децата за да може да ги запише на училиште во Велес.
„Службите три месеци, односно 90 дена, го чекаа законскиот рок до 26 септември за јас фактички да ги изгубам децата. Се произнесоа децата да ги носам секој ден со автомобил таму каде што живеевме претходно и да ги враќам. А, јас тие средства ги немам. Финансиски сум задолжена со кредити земени за онаму каде што сум живеела и сега јас ги плаќам тие кредити, а таткото седум месеци денар не дал за децата, ниту за кредитите. Одам на работа, но целата плата ми ја зема банката и живеам на грбот на мајка ми“, откри велешанката за „Локал Актив Вардар“.
Мила стои на нозе само поради помошта од семејството и од невладините организации како што е Организацијата на жени од Велес. Сепак, не знае колку цврсто ќе може да застане затоа што сега е во уште понезавидна ситуација.
„Одиш секој ден на работа, но не земаш плата и гледаш на децата да не им фали ништо. Генерално, добив малку мир, но уште стравувам и мислам дека психичкото насилство нема да престане. Јас плаќам кредит, но дел од имотот е на мое име и тоа е најголемиот проблем за насилното семејство од каде што избегав. Тие сакаат да ги вратат децата таму, да не плаќаат алиментација и да го добијат имотот за кој јас плаќам кредити“, вели Мила.
Таа истакнува дека жртвите на насилство мора да бидат слушнати, да им се верува повеќе и да им се помогне повеќе затоа што никој не бега од добар живот.
„Немаме никакво олеснување, ниту финансиска помош ниту, пак, можност да почнеме нов живот во некој од социјалните станови што ги гради државата. Сакав да ги пратам децата на зимски одмор преку програма со еднократна помош, но не ми следувало тоа право затоа што сум била вработена“, нагласи Мила и им порача на жртвите да бидат храбри и да го кренат гласот затоа што животот вреди повеќе од сѐ.
Тие откриваат дека имало случаи на семејно насилство што се повториле и по изрекувањето мерки, а имало и прекршување на мерките за кои биле поднесени и кривични пријави. Постои и еден случај кога жртвата се повлекла на суд поради стравот од присуството на насилникот, но сепак судијата ги изрекол мерките. Од Центарот велат дека постапуваат по секоја пријава, исто како полицијата, иако подоцна може да се покаже дека дел од пријавите се поднесуваат неосновано.
„Пријава е пријава, ние отпосле во постапката можеме да процениме. Ако се покаже дека нема доволно докази, дека нѐ инструментализираат како орган, ги одбиваме тие барања, тоа е редок случај, но може да се злоупотреби. Семејното насилство во последните неколку години се злоупотребува во бракоразводните постапки за да се добие старателство на дете. Во тие случаи воопштено ‘се пријавува’ психичко насилство, што е тешко да се утврди и ние веќе постапуваме по пријавата. Значи имало пријава од полиција, жената исто како претходно отишла на лекар, имаме медицинска документација, одиме на суд и на партнерот му се изрекуваат забрани од судот и тоа влијае врз добивањето старателство. Сме забележале дека се злоупотребува, но ние мора да постапиме“, открија од Центарот за социјални работи.
Жртвите од семејно насилство што бараат и даваат согласност за мерки, се сместуваат во сигурна куќа, чија локација ја знаат само неколку вработени од МЦСР. Се случува некои од жртвите да бидат сместени во куќи во други градови или, пак, некои жртви да бидат сместени во Велес, но според стручните работници од Центарот во Велес, никогаш не се случило жртва да побара, а да не добие сместување во сигурна куќа.
Инаку, службите од Центарот ги известуваат сторителите дека против нив ќе има или е поведена постапка за семејно насилство во рамките на постапката за преземање на потребните мерки за заштита од семејно насилство.
„Најчесто ги викаме на разговор и потпишуваат изјава. Имаат кратко образложение на настанот, но тоа го оставаме на Судот. Ако има мерки од Судот, ги праќаме во советувалиште за сторители во Скопје. Ние тука немаме советувалиште за сторители за семејно насилство и тоа работи по специјална програма. Тоа е проблем и од финансиски аспект, секој не може да посетува советувалиште во Скопје и најчесто не се почитуваат тие мерки. Сметаме дека треба да има советувалиште и во Велес поради зголемениот број на случаи на семејно насилство“, коментираат од МЦСР Велес.
Недостасува стручен кадар и засолниште за жртвите
Стручните работници во Велес сметаат дека се потребни и повеќе советувалишта за жртви, односно да се формира едно такво во Велес, затоа што во моментов не постои и покрај растот на бројот на случаи.
„Имаме голема потреба од тоа затоа што за жртвите е уште поскапо ако мора да се упатуваат во друг град. Не треба само да се инвестира во објект, туку и во стручен кадар, како што се психолози и психијатри, кои би биле специјализирани за менаџирање со траумата на жртвата“, велат оттаму.
Стручните работници што претежно се жени се предмет на вербални закани од насилниците, а во нивната работа секогаш едната страна е незадоволна. Сепак, работите малку се нормализирале од септември минатата година кога службата добила физичко обезбедување на Центарот.
Во Центарот во Велес во моментов на предметите од семејно насилство работи тим составен од правник, психолог, педагог и пет социјални работници. Велат дека работат тимски, но не само на случаи на семејно насилство.
„Порано имавме помеѓу 55 и 60 случаи на семејно насилство, а сега може да се случи да имаме и повеќе од 80 случаи во кои судот изрекол мерки, а ние сме повикани како институција. Ова се случаи со судски мерки, но ние работиме и на случаи за кои судот не изрекол мерка. Поради зголемениот број на други предмети од други области, оваа работа знае да биде тешка и исцрпувачка. Прегоруваме во работата и некогаш немаме механизми да се справуваме со тој професионален стрес. Имаме многу администрација со пополнување обрасци. Ние се снаоѓаме, но приоритет треба да ни биде жртвата, а не административниот дел. Навистина сме оптоварени со тоа, има непотребни прашања што и жртвата не може да ги одговори, но мора да го имаме сето тоа. Тоа ни го бараат нашите претпоставени и ние мора да го пополниме. Се надеваме дека новиот електронски систем на евиденција ќе ја олесни работата во однос на административниот дел“, додаваат од Центарот.
„Дали жртвата има сознание дека сторителот има намера да набави оружје?“ е едно од прашањата во прашалникот што стручниот работник од МЦСР мора да ѝ го постави на жртвата при спроведувањето на процената на ризик. Ова прашање за психолозите е непотребно трауматизирање на испитаниците, но службите, во случајов МЦСР Велес, велат дека мора да постапат според Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство, односно според два правилници. Едниот е за начинот на спроведување процена на ризик од сериозна опасност по животот и физичкиот и психичкиот интегритет на жртвата, како и според Правилникот за начинот на спроведувањето и начинот на следење на изречените привремени мерки за заштита. МЦСР Велес мора да се придржува и до Протоколот за меѓусебна соработка на надлежни субјекти за преземање мерки утврден од Министерството за социјална политика.
86 сторители и 91 жртва во 2025 година
Од податоците што ги добивме преку правото за слободен пристап до информации од МЦСР Велес, за периодот од 2022 до крајот на 2025 година, според бројот на пријави, лани е регистрирано енормно зголемување на пријавите за семејно и родово базирано насилство.
Во 2025 година се регистрирани 86 сторители, од кои 71 од машки пол и 15 од женски пол. Регистрирана е 91 жртва, од кои 72 се од женски пол, а 19 се од машки пол. Во 2024 година биле регистрирани 62 сторители и 68 жртви, во 2023 година имало 61 сторител и 73 жртви, а во 2022 година биле регистрирани по 60 жртви и сторители. За периодот од 2022 година до 2025 година имало повторена пријава за семејно насилство во 11 случаи.


Од податоците што ги добивме преку правото за слободен пристап до информации од МЦСР Велес, за периодот од 2022 до крајот на 2025 година, според бројот на пријави, лани е регистрирано енормно зголемување на пријавите за семејно и родово базирано насилство.
Во 2025 година се регистрирани 86 сторители, од кои 71 од машки пол и 15 од женски пол. Регистрирана е 91 жртва, од кои 72 се од женски пол, а 19 се од машки пол. Во 2024 година биле регистрирани 62 сторители и 68 жртви, во 2023 година имало 61 сторител и 73 жртви, а во 2022 година биле регистрирани по 60 жртви и сторители. За периодот од 2022 година до 2025 година имало повторена пријава за семејно насилство во 11 случаи.
Од податоците што ги добивме од МЦСР Велес, според типот на насилство, во 2025 година се регистрирани 49 случаи на физичко насилство, од кои 41 од женски пол и 8 од машки пол, 69 случаи на психичко насилство (51 врз женски пол и 18 врз машки пол). Во 2025 година е регистриран и по еден случај на економско и на сексуално насилство врз лица од женски пол. Во 2024 година имало 56 случаи на физичко насилство и 47 на психичко насилство, како и еден случај на сексуално насилство. Во 2023 година имало 47 случаи на физичко насилство и 57 на психичко, а во 2022 година се забележани 43 случаи на физичко и 41 случај на психичко насилство.
Во 2025 година ЦСР има преземено 132 интервенции и мерки за заштита, биле предложени 87 привремени мерки до Судот, а Судот изрекол 80 привремени мерки. Имало и една кривична пријава до ОЈО за прекршување на мерките.
Во 2024 година ЦСР бележи 90 интервенции и мерки за заштита, 88 предложни привремени мерки до Судот во Велес, 77 изречени мерки од Судот и две кривични пријави за прекршување на мерките. Во 2023 година имало 110 интервенции и мерки за заштита, 63 предложени привремени мерки до Судот, 68 изречени привремени мерки, но и 7 кривични пријави до ОЈО за прекршување на мерките. Во 2022 година биле забележани 75 интервенции и мерки за заштита, до Судот биле предложени 78 привремени мерки, изречени се 72 мерки, а се бележат и четири кривични пријави до ОЈО за прекршување на мерките.
Стравот не завршува со судската пресуда
Во постапување во случаи на семејно насилство, психолозите укажуваат на потребата од дополнително унапредување на институционалната сензибилизација и внимателен, индивидуален пристап кон секој поединец. Одредени искуства покажуваат дека, поради поединечни злоупотреби, понекогаш се создава општа недоверба што може да влијае врз постапувањето кон вистинските жртви.
„Дел од жртвите се соочуваат со предрасуди поради нивната зависност од партнерот или поради недоволно разбирање на нивната реална состојба. Потребен е внимателен и професионален пристап, со емпатија, трпение и разбирање, со цел жртвите да добијат соодветна поддршка и заштита. Во сегашниот систем постојат ограничувања во однос на просторните и кадровските капацитети за работа со жртви, особено во делот на психолошката поддршка. Процесите во полиција бараат тимска и стручна соработка, при што улогата на психолозите е од клучно значење, особено при работа со деца и со чувствителни категории. Важно е исказите да се проценуваат внимателно, без предвремени заклучоци, со цел да се утврди вистинската состојба. Секако, постојат и поединечни случаи каде што системот бил злоупотребен, но тие не смеат да бидат причина за недоверба кон вистинските жртви. Потребен е индивидуален пристап кон секој случај, при што не може сите жртви да се проценуваат според ист шаблон“, вели психологот Ангелина Димовска Стојанова, која работи во Сервисот за психолошка и социјална поддршка на жени во Велес.

Според неа, голем проблем за жртвите на семејно насилство е немањето сигурно сместување, финансиска стабилност и долгорочна поддршка. Поради овие причини, дел од нив се принудени да се вратат во средина во која повторно се изложени на ризик.
„Понекогаш и кога санкционирањето на сторителите е завршено, чувството на безбедност кај жртвите не се добива со завршување на судската пресуда. Стравот, загриженоста и несигурноста често продолжуваат и по завршување на формалните постапки. Оттука, потребен е системски и долгорочен пристап што истовремено ќе обезбеди заштита, поддршка и рехабилитација, со цел спречување на повторување на насилството и враќање на довербата кај жртвите.
Затоа, неопходно е системот да работи истовремено и со жртвите и со сторителите, со цел превенција на повторување на насилството, зајакнување на чувството на безбедност и враќање на довербата кај жртвите дека не се оставени сами на себе“, додава Димовска Стојанова.
Краткотрајна помош од државата, симболична од општините
Општините Велес, Чашка и Градско се вклучени во процесот на помагање на жртвите од семејно насилство и нудат информации за тоа каде може да се обратат жртвите, но помошта што ја издвојуваат на годишно ниво е многу мала.
Според податоците што ги добивме од Општина Велес, во рамките на нејзината програма за помош на жртвите на семејно насилство, секоја година Општината издвојува по 50 илјади денари. Во 2022 и 2023 година биле поддржани 8 лица од женски пол, а во 2024 година е поддржано само едно лице од женски пол со сума од 10 илјади денари. Лани средствата биле распределени на 6 лица од женски пол. И за 2026 година Општината предвидува поддршка на лица жртви на семејно насилство во висина од 50 илјади денари.
На службените портали на општините, каде што се наведени контакти од сите институции што се вклучени во процесот, се наоѓа и Организацијата на жени од Велес, која има канцеларија, Сервис за психосоцијална поддршка, каде што жртвите на семејно насилство може да побараат стручна помош. Таму има ангажирано психолог и правник-адвокат. Овој сервис работи со жените од Велес, но и со соседните општини Градско, Лозово и Чашка.
Институционални пропусти
Системот за заштита на жените жртви на семејно насилство е сè уште недоволно развиен, а бројките за жртви и сторители на кривични прекршочни дела во врска со семејно насилство покажуваат загрижувачки континуитет, заклучува Државниот завод за ревизија (ДЗР) во извештајот објавен во август минатата година.
Ревизијата на тема „Имплементацијата на Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилството врз жените и домашното насилство (Истанбулската конвенција)“ покажала дека мерките и активностите на институциите не обезбедуваат соодветна и ефективна поддршка, заштита и реинтеграција на жените жртви на родово базирано и семејно насилство.
Ревизијата констатира дека според бројот на жители, во државата треба да има 184 легла во засолништа, при што се воспоставени само 67 (37 %), од кои 48 се од центрите за социјални работи (ЦСР), а 19 од невладиниот сектор (НВО). Во однос на советувалишта, потребни се 19, а воспоставени се 11 (59 %), од кои 7 од ЦСР, а 4 од НВО.
И во однос на територијалната распределба постојат пропусти. Во Југоисточниот и Североисточниот Регион нема ниту едно легло во засолништата на ЦСР, додека НВО обезбедуваат засолништа само во Скопскиот и Југоисточниот Регион. Исто така, во Југоисточниот Регион нема воспоставено советувалиште, иако е предвидено едно. Со увид во дел од воспоставените засолништа и советувалишта, утврдено е дека голем дел од нив во претходниот период се користеле, но сега не се во функција.
ДЗР забележале и дека не е направена потребната реорганизација во центрите за социјална работа. Постои недостиг на кадар, нема систем за лиценцирање СОС-линии за помош, има нелиценцирани здруженија, граѓанскиот сектор е недоволно вклучен, ја нема потребната криминализација на психичкото насилство.
Според ревизорите, сериозно се потфрлува во спроведувањето на заложбите од Конвенцијата, но од Министерството за социјална политика, демографија и млади за „Локал Актив“ велат дека почнале да се спроведуваат препораките.
„Од вкупно 34 препораки, девет се целосно спроведени, 14 се спроведуваат и 11 препораки ќе отпочнат да се спроведуваат во 2026 година, односно тие се опфатени во Нацрт осумгодишна Национална стратегија за превенција и заштита од родово базирано насилство врз жените и семејно насилство 2026 – 2033 и за реализација на овие препораки надлежност имаат повеќе институции“.
Во однос на наодите дека во земјава има речиси трипати помалку легла во засолништата за жените жртви од насилство и дали се планира зголемување, од Министерството најавија дека е отпочнат процес на спроведување на ИПА-проектот – „ЕУ поддршка за справување со родово базирано и семејно насилство“, кој има за цел проширување на мрежата на специјализирани сервиси за жени жртви на насилство и семејно насилство во согласност со стандардите на Истанбулската конвенција.
Ниту државата не може да се пофали со доволна финансиска помош за жртвите на семејно насилство. Тие може да добијат еднократна парична помош до 15 илјади денари и до 12 илјади денари за трошоци за медицинска интервенција, доколку имало потреба. Тоа воопшто не е доволно, особено ако жртвата нема свој имот или е невработена.
Исто така, на жртвите им е потребна поконтинуирана или подолготрајна финансиска помош, но и обуки за професионално доусовршување со цел да бидат поконкурентни на пазарот на трудот за да може да се осамостојат и да почнат сами да живеат.
„Во согласност со националната легислатива, покрај еднократната парична помош, за заштита на жртвите на семејно насилство се преземаат низа мерки и активности за нивно интегрирање во заедницата, според индивидуалните потреби. Акцент се става на економското јакнење на жртвата и нејзино активно вклучување на пазарот на трудот, преку надлежен центар за вработување – како дел од мерките на Оперативниот план за вработување (самовработување, доквалификација, обуки) на годишно ниво. Планот се креира преку Министерството за економија и труд, а се реализира преку Агенцијата за вработување“, велат за „Локал Актив Вардар“ од Министерството за социјална политика, демографија и млади.
Домувањето и економската зависност се најголемите проблеми за жртвите. Според извештајот на Државниот завод за ревизија, државата мора да работи на подолгорочно домување затоа што жртвите на семејно насилство се потенцијални бездомнички.
Според Законот за домување, Владата е надлежна да спроведува политики и да носи државна стратегија за продажба и одржување на становите во сопственост на државата, а за давање под закуп на истите станови одлучува Комисија за станбени прашања при Владата.
Министерството за транспорт и врски дава предлог до Владата за донесување Годишна програма за изградба, продажба и одржување на станбениот простор во сопственост на Републиката. Со Одлука се уредува распределбата на социјалните станови, условите за нивно користење и критериумите за распределба на социјалните станови во сопственост на државата.

Оттука, Владата има целосна надлежност и можност да им обезбеди подолгорочно домување на жртвите на насилство, кои, за жал, не се дефинирани како посебна група, но се опфатени во групата на лицата во социјален ризик и други ранливи групи што не се станбено обезбедени.
Анализата на мерките што се преземаат во случаите со семејното насилство покажува дека иако институциите формално постапуваат, изрекуваат мерки и бележат зголемена свест кај жртвите, бројките покажуваат дека насилството не се намалува, туку добива нови размери. Недостигот од стручен кадар, советувалишта, психолошка поддршка и долгорочни решенија за домување и економско осамостојување, создаваат ризик жртвите повторно да се вратат во средина во која се небезбедни.
Заштитата не смее да заврши со изрекување мерка или со еднократна финансиска помош. Потребен е систем што ќе обезбеди континуирана поддршка, индивидуален пристап и координирана работа меѓу полицијата, социјалните служби, судовите и локалната самоуправа. Само така може да се врати довербата кај жртвите дека не се оставени сами на себе и дека пријавата навистина значи почеток на безбеден нов живот, а не уште една неизвесност.
* Мирјана Трајкова е граѓанска активистка од Организација на жени на Општина Велес
** Орце Костов е новинар
Оваа содржина е создадена во рамките на проектот „ Медиуми на заедницата за граѓански ангажман: Трансформирање на општествените барања во општествена акција“, кој го спроведува Институтот за истражување на општествениот развој РЕСИС од Скопје, со финансиска поддршка од Европската унија. Ставовите и мислењата искажани во содржината не ги претставуваат официјалните ставови и мислења на донаторот. Одговорноста за ставовите и искажаните мислења е во целост на спроведувачите и на авторот.