Различни изјави, исти позиции: Нема приближување меѓу ССМ и Мицкоски за платите

Мицкоски

„Не е проблем јас да појдам во ССМ, понудата е на маса. Нека се одважи гранковиот синдикат УПОЗ да потпише и тогаш и 7.700 државни административци ќе добијат за две години и два месеца зголемување од 40 проценти на плата“, рече Мицкоски денеска од Тетово, но не кажа дали е подготвен да го потпише колективниот договор за зголемување на работниците од 40 отсто и тој да стапи во сила веднаш, одноно оваа година

Одговарајќи на прозивките и обвинувањата од владата и од ВМРО-ДПМНЕ претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов вчера го покани премиерот Мицкоски в понеделник во 9 часот да дојде во зградата на ССМ и заедно да го потпишат колективниот договор со кој платите на работниците ќе се зголемат за 40 проценти, како што според Трендафилов, пишувало во соопштението на Владата.

„Понудата е ставена на маса и доколку се прифати од нивна страна, не е проблем“, рече Мицкоски, но веднаш потоа го додаде и условот.

„Нека се одважи гранковиот синдикат УПОЗ, има таму уште еден репрезентативен синдикат, ние сме подготвени. Понудата е ставена на маса и доколку се прифати од нивна страна, нема никаков проблем. Тогаш и овие 7.700 работници државни административци ќе добијат за две години и два месеца миниум 40 проценти поголема плата, изјави Мицкоски. 

Од ова произлегува дека двете страни се на истите позиции – ССМ. Трендафилов, би потпишал зголемување на платата од 40 проценти, но тоа да важи од сега, а за Владата тоа треба да оди постепено, до 2028.

Мицкоски не го видел предложениот закон на СДСМ за зголемување на минималната плата, но го повтори познатите ставови на Владата: за тоа да се договорат работниците и работодавачите и дека тој ветува поголема плата за 40% за две години.

„За две години и два месеца од денеска вработените во државната администрација ќе имаат миниум 40 проценти повисоки примања. Тоа е нашиот предлог. Останува на синдикалните лидери да се отргнат од политичките влијанија и во интерес на работниците, да го потпишат. Владата во трипартитниот дијалог е само олеснувач, а СДСМ е само политичка партија“, изјави Мицкоски. 

Зачлени се на нашиот е-билтен