Веднаш по повикот за јавен собир по повод трагедијата во Кочани во организација на иницијативата „Кој е следен?“, се покрена дезинформациска кампања насочена против граѓанското учество. Една маргинална интернет веб страница, како и неколку Фејсбук страници, излегоа со тврдење дека ЦИВИЛ е организатор на собирот. Тоа е лага! И воопшто не е наивна. Не се работи за грешка или недоразбирање, туку за смислена кампања со која се дискредитираат граѓанските иницијативи и се прави обид да се спречат граѓанките и граѓаните слободно да го изразат своето мислење на јавен настан.
ФАКТ: Организатор на јавниот собир на 18 март, на плоштадот „Македонија“ во Скопје, со почеток во 18 часот е граѓанската иницијатива „Кој е следен?“.
Како и во случајот со долга низа претходни кампањи слични на оваа, ширењето и на оваа лага не се потпира само во внесувањето забуна за тоа кој е организатор на собирот, туку е придружена со манипулативни наративи и говор на омраза со кои се нанесува штета и на вистинскиот и на наводниот организатор, а најмногу на правото на граѓанско учество.
Со зборовите „ѓубриња ниедни“, ЦИВИЛ и нејзиниот претседател Џабир Дерала, се клеветат дека „повторно се обидуваат да профитираат на грбот на жртвите“ и дека „се обидуваат да манипулираат со народот и да поттикнат нова Шарена Револуција“.
Оваа лага се дистрибуира и преку лични пораки на Вибер. Во кампањата со пораки што се дистрибуира по Вибер, примателите се „предупредуваат“ дека собирот е во организација на „ЦИВИЛ на Џабир Дерала“ со заплашување дека „се жедни за крв“, при што јасно се повикува луѓето да не излезат на собирот.
Ова е чист случај на кампања за валкање и дезинформации каде што, со намерно искривување на фактите, заплашување и говор на омраза, се врши притисок и се прави јасен обид да се спречи граѓанското учество.
ЦИВИЛ со години работи на мониторинг борба против дезинформациите, пропагандните операции и хибридните закани, но истовремено е и мета на кампањи за валкање, дезинформации и лажни наративи, како и закани со убиство.Наспроти нападите и заканите, ЦИВИЛ е организација што ужива голема доверба и поддршка од македонските граѓанки и граѓани од сите заедници, а со своите иницијативи и активности ужива и значаен регионален и меѓународен углед.