Разрешена директорката на Државниот архив Наташа Котлар Трајкова по телефонски повик од Владата

Директорката на Државниот архив на Македонија, проф. д-р Наташа Котлар Трајкова, вчера ненадејно била известена дека е разрешена од функцијата – преку краток телефонски повик од кабинетот на премиерот, додека се наоѓала на своето работно место. Таа ја извршуваше директорската должност една година и четири месеци.

Во изјава за Телевизија 24, Котлар Трајкова рече дека во 12 часот и 4 минути добила телефонски повик од жена која се претставила како секретарка од кабинетот на премиерот. Според нејзините зборови, без дополнително образложение ѝ било соопштено дека од тој момент повеќе не е директорка на институцијата.

Професорката смета дека причината за нејзиното разрешување е интервју дадено во август, во кое упатила критика кон дел од македонската дијаспора во Австралија. Таа тврди дека од разговорите со претседателот на државата дознала оти токму тоа критичко мислење било сметано за „грев“ и повод за нејзиното сменување.

Како дополнителен фактор го посочува и назначувањето на заменик-директор од ВМРО-ДПМНЕ, кој – според неа – имал изразени амбиции да ја преземе директорската функција. Таа уште од почетокот на мандатот се чувствувала изложена на притисоци и опструкции.

„Од денот на моето именување на 31 јули 2024 година, беше поставен и партиски кадар за заменик директор кој имаше сериозна амбиција да стане директор. Од тогаш, мојата една година и четири месеци работење беа испратени со психолошка тортура и секојдневни настани кои покажуваа дека немам поддршка“, изјави Котлар Трајкова, додавајќи дека од неа се очекувало да ги одобрува ставовите и одлуките на заменикот.

Инаку, Котлар Трајкова на локалните избори во 2021 година беше кандидат за градоначалник на Општина Центар од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.

Извор: Телевизија 24

Зачлени се на нашиот е-билтен