„Оваа година има реакции на слоганот под кој се одвиваше денешното одбележување на Кајмакчалан. Како да се сака да се постигне и некаков ефект на српско единство во услови во кои сега се наоѓа Србија. ‘Знамето на единството’ како слоган прати погрешна порака и од македонска страна со право се реагира. Тоа особено е провокативно што госпоѓа Стаменковски зборува за братството меѓу Србите и Македонците кои имаат ‘исто стебло, исти корен и заедничко единство’. Тоа потсетува на минатото (меѓу двете светски војни, но и времето на Милошевиќ). Србија не би требало да бара ‘српски свет во Македонија’. Србите се рамноправни како народ во Македонија“, вели во разговор за Рацин.мк поранешниот амбасадор и искусен дипломат Благој Зашов.
Секоја година имало реакција од партии и поединци на манифестациите што ги организирале српски претставници, вели Зашов, но мора да се внимава на чувствата на Македонците во вакви случаи.
Ова се однесува на серијата настани што изминатиот викенд ги реализираше делегација на Република Србија предводена од Министерот за одбрана Братислав Гашиќ и од Министерката за труд, вработување, боречки и социјални прашања во Владата во Белград Милица Ѓурѓевиќ Стаменковски
По повод 109-годишнината од Битката кај Кајмакчалан и освојувањето на врвот на планината Ниџа, таа и делегацијата на Србија во која беа вклучени и свештени лица од Српската православна црква и војници на Армијата на Србија, и во име на Владата на Република Србија, положи венци во Спомен-капелата и во Спомен-костурницата на врвот Кајмакчалан на планината Ниџе.
„Тука, на врвот на нашата слава и победа, мора високо да го кренеме знамето на слободата. Знамето на нашето единство треба да се вее насекаде каде што живее српскиот народ – каде што се зачувани името и презимето, каде што се слави празникот на крштевањето, каде што пишуваме на кирилица, каде што се сеќаваме на нашите предци и се грижиме за нашите потомци“, изјави во оваа пригода српската министерка.
Од врвот на планината таа уште порача: „Нека се чуе пораката од Кајмакчалан: Србија живее, Србија трае и Србија ќе трае сè додека постои единството на нашиот народ. Под „Знамето на единството“ им оддаваме почит на нашите предци и го потврдуваме братството на Србите и Македонците – исто дрво, ист корен, заедничка иднина“.
Во овој контекст, поранешниот амбасадор Благој Зашов вели дека „Македонија ги почитува соседните народи и во поглед на нивните споменици“.
„Но тоа не може да се одразува на историските настани како ги гледаат Македонците. Нашите претци ни пренеле спомени и од српската олупација и од бугарската окупација“, укажува амбасадорот.
Амбасадорот Зашов вели дека нашето Министерство треба да реагира на соодветен начин.
„МНР треба на соодветен начин да стави до знаење дека вакви настани не треба да се пропратени со актуелни состојби во други земји и преку нив да се бара ‘нечие единство’. Треба да се има предвид дека ќе има реакција и од бугарска страна која само што чека на вакви српски настапи. Сепак не сум за тоа да се упатува протестна нота“, вели искусниот дипломат Зашов.
Тој постетива дека Македонија е дом на многу странски војници кои загинале на нејзина територија. Во нивна чест се изградени многу гробишта и споменици. Секоја година претставници на повеќе држави одбележуваат датуми од Првата светска војна.
„Јас сум генерален делегат на француската организација „Француски спомени“. Целта е да се сочуваат спомените за загинатите војници кои со или без нивна волја војувале на македонска територија. Тие не заслужуваат да бидат заборавени.Франција, Германија, Велика Британија, Грција , Бугарија, Србија и Грција положуваат цвеќе на гробиштата и спомениците во Македонија.
Нашата земја не се противи да се вршат вакви одбележувања. Напротив“, оценува Зашов.
Тој вели дека секогаш кога има такви одбележувања на нив присуствуваат делегации од Министерството за одбрана и од Армијата на Македонија. Присуствуваат и делегации од општините.
„На овие одбележувања организаторите внимаваат во своите обраќања да се посветат на загинатите и да зборуваат за мирот, не за војната“, укажува поранешниот амбасадор и искусен дипломат Благој Зашов.