Во март 2025 година се издадени 334 одобренија за градење, што претставува зголемување од 4 проценти во однос на истиот месец лани. Но, далеку позначајно е тоа што предвидената вредност на објектите достигнува над 20,1 милијарди денари – пораст од дури 244,2 проценти споредено со март 2024 година, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.
Ваквиот скок главно се должи на издавањето на одобрение за изградба на станица за пречистување отпадни води во Скопје – проект со висока вредност што значајно влијае на вкупните бројки.
Во поглед на видот на објектите, најмногу од издадените одобренија (185 или 55,4%) се однесуваат на високоградба, 64 (19,2%) се за нискоградба, а 85 (25,4%) за реконструкција на постојни објекти.
Што се однесува до структурата на инвеститорите, физички лица се јавуваат кај 149 објекти (44,6%), додека деловни субјекти инвестираат во 185 објекти (55,4%).
Дополнително, предвидена е изградба на 685 нови станови, со вкупна корисна површина од 57.039 квадратни метри.