Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Регионален бојкот на маркетите – Ќе го промени ли пазарот отпорот на граѓаните?

На 31 јануари, граѓаните од неколку балкански земји ќе се обединат во првиот синхронизиран бојкот против високите цени во супермаркетите. Ваквите акции се реткост во регионот, но дали овој координиран притисок може да предизвика реални промени?

Првиот сигнал за отпор дојде од Хрватска, каде потрошувачите минатиот петок значително ја намалија својата потрошувачка, со пад на продажбата од 53% и намалување на фискалните сметки за 44%. Организаторите, платформата „Ало, инспекторе“, објавија дека големите супермаркети веднаш реагирале со намалување на цените, а некои од нив вовеле „траен попуст“ на одредени производи.

По успехот на хрватскиот бојкот, истиот модел се прошири и во Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Македонија. Сите овие земји имаат заедничка грижа: зголемените трошоци за живот и сомнежите за договарање цени меѓу трговските ланци.

Во Словенија е во тек повеќедневен бојкот на одредени супермаркети и трговски центри, а според регионалните медиуми, бојкотот во Словенија ќе трае до 2 февруари, а од 3 до 9 февруари граѓаните се повикани да продолжат со бојкот на други трговски ланци.

Акцијата доаѓа како одговор на постојаниот раст на цените на прехранбените производи. Според Заводот за статистика на Република Словенија, храната сега чини 44% повеќе отколку пред една деценија, иако инфлацијата забавува. Маслиновото масло во 2023 година поскапело за речиси 20%, путерот за 17%, а месото и лебот бележат помали, но сепак значајни зголемувања.

„Бојкотите се легитимен начин граѓаните да изразат незадоволство и да испратат порака за фер цени“, велат од Здружението на потрошувачи на Словенија (ЗПС). Но, од словенечкото Министерство за земјоделство предупредуваат дека ваквите мерки може да имаат контраефект врз локалните производители и прехранбената индустрија.

Српското здружение за заштита на потрошувачите „Ефектив“ го повика населението на целосен бојкот на супермаркетите, наведувајќи дека Србија има највисоки цени на храната во Европа. Главните мети на оваа акција се големите ланци како „Delhaize“ (Макси, Шоп&Го), „Меркатор“ (Идеа, Рода), како и „Лидл“ и „ДИС“.

Во Босна и Херцеговина, бојкотот добива замав преку социјалните мрежи, каде граѓаните масовно споделуваат повици за воздржување од купување не само во супермаркетите, туку и на бензински пумпи, ресторани и кафулиња. Слично е и во Црна Гора, каде невладината организација „Институт алтернатива“ потенцира дека цените се непропорционално високи во однос на приходите, а трговците со договарање на цените ја неутрализираат секоја зголемена плата или пензија.

Во Македонија, ситуацијата е посложена. Иако на социјалните мрежи веќе се формираат групи кои повикуваат на бојкот, засега нема сигнали за масовно учество. Фејсбук групата „БОЈКОТ!!!СТОП ЗА ВИСОКИТЕ ЦЕНИ НА ХРАНАТА!!!“, создадена само пред еден ден, веќе има над 1.700 членови, што укажува на растечки интерес.

Премиерот Кристијан Мицковски изјави дека има „разбирање“ за акцијата, но останува да се види дали владата ќе преземе конкретни мерки против шпекулативните практики на пазарот.

Историски гледано, потрошувачките бојкоти можат да бидат ефективни само ако се одржат доволно долго за да извршат финансиски притисок врз големите играчи. Доколку акцијата од 31 јануари покаже слични резултати како во Хрватска, ова би можело да стане модел за идни граѓански акции во регионот. Но, без цврста и организирана поддршка, бојкотот може да остане само еднодневен израз на незадоволство без долгорочно влијание.

Ќе успеат ли граѓаните да ја искористат својата колективна моќ или трговските ланци ќе најдат начин да го неутрализираат притисокот? Одговорот ќе биде познат наскоро.

Зачлени се на нашиот е-билтен