Соочена со растечки еколошки и здравствени ризици, Македонија мора итно да преземе чекори за одржливо управување со отпадот. Регионалниот систем за управување со отпад (РСУО) се наметнува како најдолгорочно и најодржливо решение, согласни се учесниците на партнерската конференција за одржливо управување со отпад, насловена како „Преобмислување на отпадот – од предизвици до одржливи решенија“ што започна денеска во Скопје. Како што најавија од организаторот, шведската организација Селар интернешнл конференцијата ќе се фокусира на повеќе прашања врзани со итноста од подобрувањето на системот за управување со отпад во Македонија кој се наоѓа пред сериозен предизвик, за што е потребна промена на пристапот.
На партнерската конференција за одржливо управување со отпад, „Преобмислување на отпадот – од предизвици до одржливи решенија“, која започна денеска во Скопје, организаторите нагласија дека потребна е промена на пристапот кон овој горлив проблем. Според нив, модерните решенија вклучуваат затворање на нелегалните депонии, изградба на современи регионални депонии и развој на инфраструктура за рециклирање. Овие чекори би ја приближиле земјата до европските еколошки стандарди и би го подобриле квалитетот на живот.
Но, наместо да се посветат на подобрување на институционалната транспарентност и ефикасност, властите вината за отпорот кон проектот ја префрлаат врз граѓаните. Градоначалникот на Општина Новаци, Стевче Стевановски, оцени дека граѓаните не се доволно информирани и дека тоа е клучниот проблем поради кој реагираат против воспоставување на регионалниот центар за отпад во близина на Битола.
„Битолчани протестираат можеби со право, но главната причина е тоа што недоволно ги информиравме за тоа како ќе изгледа овој центар за управување со отпад. Можеби во иднина ќе треба повеќе да работиме на тоа, да направиме медиумска кампања за да го доближиме проектот до луѓето“, изјави Стевановски.
Иако проектот е најавен уште во 2009-2010 година, неговата реализација сè уште се одложува поради „недовербата“ кај граѓаните. Наместо да преземат конкретни мерки за обезбедување транспарентност и сигурност во процесот, властите ги обвинуваат граѓаните за нивниот скептицизам.
Во меѓувреме, граѓаните излегуваат на протести, како оној минатата недела пред зградата на Општина Битола, барајќи одговорност и појаснување на ризиците што ваквиот проект ги носи за нивните заедници. Организаторот на конференцијата, Салар Интернешнл, предупредува дека доколку Северна Македонија не преземе итни мерки, ќе се соочи со зголемено загадување и сериозни здравствени проблеми, што ќе резултира со уште поголеми трошоци во иднина.
Но, суштинското прашање останува: дали властите ќе преземат одговорност за неефикасноста во управувањето со отпадот, или ќе продолжат да ја префрлаат вината на граѓаните, кои само бараат транспарентност, безбедност и подобар квалитет на живот?