Денес, во Охрид се одржа работилница посветена на унапредување на регионалниот систем за управување со отпад со посебен фокус на воспоставувањето и функционирањето на собирните центри за селекција на отпад како важен дел од регионалниот систем. На работилницата земаа учество претставници од пилот општините и комуналните претпријатија од Југозападниот и Пелагонискиот регион во земјата (Битола, Прилеп, Новаци, Охрид, Кичево и Пласница), експерти за управување со отпад од Шведска и претставници на проектот.
Работилницата, организирана во рамки на проектот „Одржливо управување со отпад на локално ниво“, поддржан од Шведска и имплементиран од SALAR International, обезбеди платформа за размена на знаење и добри практики и презентација на конкретни чекори за подобрување на инфраструктурата за собирање отпад во општините вклучени во проектот.
На работилницата, експерти од Шведска со повеќегодишно искуство со планирање, изградба и управување со собирни центри за отпад, преку практични примери им го презентираа на учесниците шведскиот модел на функционирање на собирните центри, вклучувајќи аспекти како проектирање на центрите, логистика, капацитети и ресурси потребни за соодветно функционирање, како и важноста на соработката и комуникацијата со јавноста.
Како што беше презентирано на работилницата, воспоставувањето на собирните центри за селекција на отпад е начин како да се обезбедат подобри услуги за граѓаните, олеснување на процесот за одлагање на отпад и исполнување на законската обврска да се има еден ваков центар на секои 30.000 жители. Воедно, собирните центри ќе обезбедат намалување на нелегалното и неконтролирано расфрлање отпад на нестандардни локации, односно ќе овозможи намалување на количината отпад што завршува на депонија и ќе ги поттикне граѓаните поактивно да се вклучат во негова селекција.
За време на работилницата, учесниците дефинираа јасна рамка за унапредување на услугите за управување со отпад, вклучувајќи подобро планирање, поефикасно работење и зајакната меѓуопштинска соработка, а сѐ со цел што поскоро спроведување на планираните активности и подобрување на услугите кон граѓаните.
Собирните центри се дел од регионалниот систем за управување со отпад кој пак претставува клучен инфраструктурен проект за Северна Македонија со оглед на фактот дека опфаќа повеќе клучни елементи како што се затворањето на постоечките нестандардни општински депонии и ѓубришта, поттикнувањето на селекцијата и секако изградбата на модерни собирни центри за отпад.
Работилницата ја потврди посветеноста на пилот општините кон спроведување на реформите во областа на управувањето со отпад и испорака на современи и одржливи комунални услуги кон граѓаните.