Рекорден буџет на хартија, сиромашна наука во реалноста

наука

Паралелно со дебатата за новиот закон за високо образование, тече и презентацијата на новите измени на предлог-законот за научно истражувачка дејност, кои во суштина треба да ја направат науката двигател на економски и технолошки развој во земјата.

Во последните години, буџетските издатоци за научно-истражувачка дејност во Северна Македонија бележат зголемување. Според Министерството за образование и наука, државата планира рекордни 773 милиони денари за наука во 2026 година, што е значителен пораст во однос на претходни години (380 милиони во 2024 и 680 милиони во 2025).

Меѓутоа, според податоците за вкупните трошоци за истражување и развој како процент од БДП, Северна Македонија издвојува околу 0,39 % од БДП, што е многу подолу од европскиот просек.

Научниците и универзитетските професори често укажуваат дека, иако се забележува зголемување на средствата, нивото на инвестиции останува толку ниско што не може да ја поддржи ефективно конкурентната научна работа. „Сега само со многу повисоки вложувања можеме да развиеме вистински услови за напредна наука“, вели еден професор по природни науки додека трае јавната дебата.

На прашањето дали сето тоа е доволно, значаен индикатор е и рангирањето на глобалниот индекс за иновации, каде Северна Македонија е на пониските позиции поради скромните инвестиции и ограничен број истражувачи и публикации со висок импакт.

Споредба со земјите од регионот

Кога ќе се спореди со земјите во регион, инвестирањето во наука во Северна Македонија е едно од најниските:

Северна Македонија, околу 0.38-0.40 % од БДП за истражување и развој.

Албанија, уште понизок удел 0.05-0.08 % од БДП.

Србија често се наведува со околу 0,7-0,97 % од БДП за истражување и развој.

Бугарија и Романија, како земји членки на ЕУ имаат под 1 % од БДП.

Словенија, гледано во поширок контекст, членка на ЕУ, издвојува најмалку околу 2 % од БДП за наука и истражување, што е во рамките на европскиот просек.

Научните работници од регионот честопати посочуваат дека ниските национални инвестиции создаваат нерамнотежа: Научните институти не можат да создадат услови за високо ниво истражување, што го намалува нивниот капацитет да конкурираат за меѓународни грантови.

„Недостатокот на основни средства ни го компликува пристапот до современа опрема, што пак не ни дозволува да ги следиме истите светски стандарди“, вели истражувач во областа на технологијата во Скопје.

ЕУ: Поддршка и споредба со Северна Македонија

Во ЕУ, државите членки во 2024 година заедно потрошиле околу 2.24 % од БДП на научно-истражувачки активности, со вкупни R&D инвестиции од приближно 403 милијарди евра, според подароците на Европската комисија

Тоа значи дека европскиот просек е помногу повисок од уделот во Северна Македонија, каде инвестициите за истражување и развој се под 0,4 % од БДП, односно повеќе од пет пати помалку  од европскиот просек.

Некои ЕУ земји инвестират многу над просекот на блокот. На пример, уделот за истражување и развој во вкупниот БДП во Шведска, Белгија и Австрија е над 3% .

Значајно е и тоа дека државите членки на ЕУ имаат пристап до големи европски програми за истражување и иновации (како „Хоризонт Европа“ и други структурални фондови), што дополнително ги зголемува нивните вкупни средства за научни проекти.

Далечен сон: Науката како двигател на економски и технолошки развој во земјата

И покрај тоа што во последниве години во Северна Македонија има одреден раст на националните средства за наука, тие сѐ уште се многу под нивото што е потребно за развој на конкурентна научна инфраструктура. Како што рековме, во споредба со другите во регионот само Албанија забележува уште пониски нивоа.

Научните работници поентираат дека само значително и континуирано зголемување на инвестициите, заедно со подобрување на системите за поддршка на истражување и комерцијализација, може да ја направи науката двигател на економски и технолошки развој во земјата.

Зачлени се на нашиот е-билтен