Глобалната побарувачка за јаглен достигна рекордно ниво оваа година, а трендот на раст продолжува, според најновата прогноза на Меѓународната агенција за енергија (ИЕА). Се очекува побарувачката да се зголеми на речиси 8,9 милијарди тони до 2027 година, што е еден процент повеќе од нивото во 2024 година.
Овие податоци ја побиваат претходната проценка дека побарувачката за јаглен ќе почне континуирано да се намалува во текот на оваа деценија, пренесува Политика.рс.
Во последните години, побарувачката за јаглен редовно ги надминува прогнозите на ИЕА, што покажува дека реалноста често ги надминува очекувањата. Ова е удар за глобалните лидери кои во 2021 година, на климатските разговори во Глазгов, предвидуваа крај на употребата на јаглен.
Иако зголеменото користење на обновливи извори на енергија, како турбини на ветер и соларни панели, го намалува користењето на фосилни горива, тоа не е доволно за да се запре растот на побарувачката за јаглен.
Според Слободан Ружиќ, доктор по електротехнички науки и консултант во компанијата „Енерџи заштеда груп“, овие трендови покажуваат дека глобалните енергетски политики сè уште се неусогласени со реалноста. „Флоскулите не помагаат во создавањето на оптимална стратегија за развој на енергетскиот сектор,“ вели Ружиќ, истакнувајќи ја важноста на реалистичен пристап.
Некои од најголемите финансиски институции во САД, како Морган Стенли, Ситигруп, Банката на Америка и Голдман Сакс, се повлекоа од алијансата за нето нула емисија на CO2. Овој чекор дополнително го поткопува глобалниот напор за намалување на емисиите и транзиција кон одржлива енергија.