Истражните органи открија дека во близина на дискотеката „Пулс“ во Кочани, каде што во пожар загинаа 59 млади луѓе, се наоѓал склад за гориво. Резервоарот бил сместен во соседен објект и бил идентификуван од страна на полициската крим-техника.
Според изјавата на министерот за внатрешни работи панче Тошковски бил празен и нема поврзаност со сопствениците на дискотеката „Пулс“.
Според најновите информации 196 луѓе се повредени од кои 20 се деца, а обдукцијата на починатите во пожарот во дискотеката во Кочани е завршена денеска, соопшти попладнево Тошковски.
Досега, 16 лица се во краткотраен притвор, меѓу нив и поранешниот министер за економија Крешник Бектеши и екс-директорот на Државниот пазарен инспекторат, Горан Трајковски. Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски разреши седум началници, помошници и командири во Штип и Кочани.
Во меѓувреме, јавноста бара одговорност и од градоначалникот на Кочани, Љупчо Папазов, кој веќе беше повикан на разговор во обвинителството. Премиерот Христијан Мицкоски најави дека истрагата ќе ги испита сите документи од Општина Кочани, ветувајќи дека „никој нема да биде заштитен“.
Трагедијата откри сериозни системски пропусти. Дискотеката немала соодветна лиценца и работела во објект наменет за лесна индустрија. Недостигале основни противпожарни мерки, а пиротехничките средства биле користени незаконски.
Мицкоски најави измени во Законот за угостителство за построги критериуми при издавање лиценци. Веќе е започната акција на Државниот пазарен инспекторат за проверка на сите ноќни клубови и кабареа во земјата.
Во 2024 година биле издадени 12 лиценци за кабареа, а премиерот отвори прашање дали сите се валидни. Државата најавува дека ниту еден објект што не ги исполнува безбедносните стандарди нема да смее да работи.