Заменик-министерот за економија, Марјан Ристески, во емисијата „Што мисли народот“ на ТВ Стар, призна дека дел од трговците ги злоупотребиле мерките за „есенската кошничка“ преку зголемување на цените пред нивното официјално намалување.
„Од претходната анализа утврдивме дека некои маркети, производители и дистрибутери ги зголемија цените кога дознаа за воведувањето на мерката. Тоа е изигрување и манипулација со граѓаните,“ истакна Ристески.
Тој посочи и на други злоупотреби, како намалување на грамажата на производите или нивно повлекување од продажба.
„Нема да дозволиме вакви сценарија да се повторуваат. Акцијата за новогодишната кошничка е нивна одговорност, и тие мора да ја почитуваат,“ порача заменик-министерот.
Маркетите имаат рок до утре да ги намалат енормно зголемените цени на основните прехранбени производи, меѓу кои кафе, какао, шеќер, масло за јадење, кашкавал, сирење, јајца, како и јунешко и свинско месо.
Ристески потсети на казните изречени за претходните акции: „За училишната кошничка имаше казни од над 100.000 евра, а за есенската кошничка околу 200.000 евра. Овојпат, наместо казни, им даваме можност да ги намалат цените и да им помогнат на граѓаните да ги поминат празниците поевтино.“