Реформите во јавните финансии се клучен чекор за секоја држава што се подготвува за членство во ЕУ, порача денеска евроамбасадорот Михалис Рокас пред членовите на собраниските комисии за економски прашања и финансирање и буџет.
На презентацијата за фискалното управување во ЕУ и улогата на Фискалниот совет, Рокас напомена дека фискалните совети поттикнуваат јавни дебати за фискални прашања и транспарентност што им овозможува на граѓаните и деловните субјекти, како и на инвеститорите подобро да ја разберат фискалната и финансиската состојба во нивните држави. Во овој контекст тој го поздрави формирањето на Фискалниот совет во земјава, како и напорот за јакнење на неговиот капацитет и мандат.
Рокас потсети дека во ЕУ, целта на фискалните совети е да вршат независен надзор и да го следат придржувањето кон фискалните правила што значи, напомена, да се избегнуваат преоптимистички владини проценки или неодржливите планови за јавните трошоци кои може да доведат до фискални дисбаланси.
– Од 2018 година поддржуваме реформи во јавните финансии со проекти од околу 13 милиони евра. Основањето на Фискалниот совет во 2023 година беше значајна пресвртница во усогласувањето со рамката за економско управување. Носителите на политики треба да ги сметаат фискалните совети како клучна цел во процесот на донесување на јавните политики и затоа, зајакнувањето на фискалните совети низ целата ЕУ се смета како клуч за фискална стабилност, напомена евроамбасадорот.
Според него, фискалните совети во бројни држави се соочуваат со предизвици, а нивната делотвореност зависи од нивната независност.
– Очекуваме парламентите да бидат важни ресурси кои ќе работат со реални очекувања и проценки. Улогата на фискалните години се засили уште повеќе за време на кризите. Енергетската криза ја нагласи потребата од нивната улога, истакна Рокас.