Денеска е Меѓународен ден на Ромите. 8 април, претставува важен глобален датум посветен на ромската култура, историја и идентитет. Денот службено бил прогласен во 1990 година во Сероцк, Полска, местото каде што се одржал четвртиот Светски ромски конгрес на Меѓународната ромска унија во спомен на првата поголема меѓународна средба на ромските претставници кој бил одржан во Чесфилд крај Лондон од 7 до 12 април 1971 година. На тој конгрес била донесена одлука за ромската химна за која била избрана песната Ѓелем, ѓелем (ромски): „Одев, одев“ и одлука за знамето за кое била одбрана сино-зелена двобојка со црвена точка во средината, симбол на напредокот и движењето, но и миграција на Ромите во текот на историјата.
Но, денеска се се’ уште бројни предизвиците со кои оваа заедница сè уште се соочува. Во 2026 година, одбележувањето повторно ја става во фокус потребата од еднакви можности, борба против дискриминацијата и поголема социјална инклузија и на светско ниво и во национални рамки, вклучително и во Македонија.
По повод Меѓународниот ден на Ромите, РРОМА организира серија настани посветени на ромската култура, идентитет, еднаквост и социјална вклученост. Вчера во Општина Куманово се одржи панел-дискусија „Real Talk: Roma Youth – International Roma Day“, каде млади Роми ги споделија своите лични искуства и ставови, со цел поттикнување дијалог, разбирање и рушење на стереотипи.
Денес во центарот на Скопје ќе се реализира балон кампања со порака „Запознај, разбери, почитувај“, придружена со интерактивни активности, инфо-материјали и QR предизвик за минувачите, со цел подигање на свеста за значењето на денот. Во Берово пак ќе се одржи настанот „Живи идеи – ромска приказна во акција“, кој вклучува свечено отворање, доделување признанија, работилници со млади и институции, како и интерактивни дискусии за ромската историја, култура и современите предизвици.
Настаните имаат цел да ја зајакнат меѓусебната почит, разбирање и да промовираат општество засновано на еднаквост и инклузија.
Ромите во Европа
Ромите се најголемата малцинска заедница во Европа – со 6 милиони што живеат во ЕУ и 4 милиони во регионот на проширување (Црна Гора, Србија, Северна Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Турција, Украина, Молдавија и Грузија). Светската ромска унија и Советот на Европа проценуваат дека има околу 400.000 Роми кои живеат во Украина.
Првиот Светски ромски конгрес, организиран на 8 април 1971 година, постави темел за процес на колективно афирмирање на ромската заедница. Под заедничка етничка идентификација и аспирации, како историја, култура и јазик, беше утврден 8 април како Меѓународен Ромски ден.
Ромската заедница долго време се соочува со нееднаквости, социјална исклученост, дискриминација и маргинализација. 80% од Ромите се во опасност од сиромаштија, споредено со просечниот ризик од 17% во ЕУ.
Европската комисија долго време ја нагласуваше потребата од дејствување и ги повика земјите-членки во 2011 година да усвојат национални стратегии за интеграција на Ромите. Во 2020 година Европската комисија ја усвои обновената Стратешка рамка на ЕУ за Роми за еднаквост, инклузија и учество 2020-2030 како директен придонес за имплементација на Планот на акција на ЕУ против расизам 2020-2025 и како дел од обврската на претседателката фон дер Лајен за Унија на еднаквост. Комисијата двапати годишно известува за имплементацијата на овие стратегии.
Иако ситуацијата на Ромите се подобри, и во ЕУ и во регионот на проширување, Европа сè уште има долг пат да изоди за да постигне вистинска еднаквост за Ромите. Европските фондови за кохезија 2021-2027, посебно Европскиот социјален фонд Плус (ЕСФ+), Европскиот фонд за регионален развој (ЕРФР) и Европскиот земјоделски фонд за рурален развој (ЕЗФР) предвидуваат различни инструменти што земјите-членки можат да ги користат за да се справат со овој клучен предизвик во своите земји. Инструментот за претпристапна помош (ИПА) и Инструментот за соседство, развој и меѓународна соработка (НДЦИ) исто така финансираат проекти за инклузија на Ромите во регионот на проширување.
Ромите се една од најголемите етнички заедници во Европа, со длабоки историски корени и богато културно наследство. Ромската музика, јазик, танц и усна традиција претставуваат значаен дел од европската културна мозаика. На Балканот, особено, ромската култура има силно влијание врз музиката и урбаната традиција, додека во секојдневниот живот заедницата продолжува да придонесува во различни општествени сфери.
Состојбата во Македонија
Во Македонија, ромската заедница е една од највидливите етнички заедници, со значително присуство во градови како Скопје (особено општина Шуто Оризари), Битола, Куманово, Тетово и Штип. Државата во последните години спроведува стратегии за инклузија на Ромите, во согласност со европските политики, но предизвиците остануваат присутни.
Еден од најголемите проблеми е образованието. И покрај напредокот во запишувањето на децата во основно училиште, сè уште постои појава на рано напуштање на школувањето, најчесто поради социјални и економски причини. За да се надмине ова, во земјата се спроведуваат стипендии, менторски програми и активности на невладини организации кои работат директно со учениците и нивните семејства.
Во делот на вработувањето, стапката на невработеност кај Ромите е сè уште повисока од националниот просек. Дел од младите се соочуваат со ограничен пристап до квалитетни работни места и професионален развој. Сепак, се забележува позитивен тренд, сè повеќе млади Роми се вклучуваат во претприемништво, образование, ИТ сектор и јавна администрација, што укажува на постепена промена на сликата.
Домувањето и урбаните услови исто така остануваат предизвик во одредени заедници, каде инфраструктурата и пристапот до основни услуги не се секогаш на задоволително ниво. Локалните и државните институции работат на подобрување на овие услови преку инфраструктурни проекти и програми за социјално домување, но процесот бара време и континуирана поддршка.

И покрај предизвиците, ромската заедница во Македонија има силен културен и општествен придонес. Ромската музика и уметност се препознатлив дел од македонскиот културен простор, а Шуто Оризари претставува единствена општина во Европа со ромско мнозинство и симбол на политичка и културна видливост.
Во последните години, се зголемува и учеството на Ромите во медиумите, граѓанските организации и локалната политика, што придонесува за поголема застапеност и гласност во општеството. Младите генерации сè повеќе се образуваат и активно се вклучуваат во иницијативи за човекови права и социјална еднаквост.
Ромите во глобалниот контекст
Светскиот ден на Ромите во 2026 година во Македонија се одбележува преку културни настани, дебати, образовни активности и концерти, со цел да се зголеми свеста за значењето на инклузијата и почитувањето на различностите. Овие активности не се само симболични, туку и важен дел од процесот на градење поинклузивно општество.
На глобално ниво, овој ден е потсетник дека интеграцијата на Ромите е клучен фактор за социјална кохезија и одржлив развој. Европските институции и меѓународните организации постојано нагласуваат дека без еднаков пристап до образование, здравство и работа, не може да се постигне вистинска еднаквост.
Според проценките на Светската банка, интеграцијата на Ромите на пазарот на труд може да донесе значителни економски придобивки. Во Србија, придобивките од зголемената продуктивност би изнесувала меѓу 314 милиони и 1,28 милијарди евра годишно, додека финансиските придобивки од зголемените јавни приходи и помали трошоци за социјални давачки би изнесувале меѓу 78,1 милион и 317 милиони евра годишно. Од друга страна, исклучувањето на Ромите од пазарот на труд претставува закана за фискалната одржливост на регионот.
Меѓународниот ден на Ромите 2026 година затоа носи двојна порака за почитување на богатата култура и историја на ромскиот народ и јасен повик за конкретни чекори кон подобрување на нивната положба. Во Македонија, како и во целиот регион, тоа значи продолжување на реформите, поголема инклузија и создавање општество во кое различноста е вредност, а не бариера.