Розенкранц од Скопје: Шведска силно ја поддржува Северна Македонија – искористете го европскиот моментум

Шведска останува цврст и доверлив партнер на Северна Македонија и ја поддржува нејзината европска интеграција со јасна политичка волја и конкретни активности. Ова го poraча шведската министерка за европски прашања Јесика Розенкранц на прес-конференцијата во Скопје, одржана заедно со нејзиниот домаќин, министерот за европски прашања Орхан Муртезани.

Министерката истакна дека проширувањето на Европската унија повторно добива видлив замав и дека Северна Македонија треба целосно да го искористи овој политички момент.

„Европа се соочува со заеднички безбедносни предизвици – сега е време за проширување“

Според Розенкранц, во услови на сериозни геополитички ризици, особено предизвикани од руската агресија врз Украина, европската соработка е поважна од кога било.

„Постои нова енергија меѓу земјите-членки за проширување. Охрабрувам Северна Македонија да го искористи овој момент додека трае. Нашата цел е да обезбедиме мир, стабилност и просперитет на континентот – а вашиот придонес е важен дел од таа визија“, рече министерката.

Таа нагласи дека Шведска е меѓу државите со највисока јавна поддршка за проширување – дури 79 проценти од граѓаните ја поддржуваат политиката за прием на нови членки.

Клучно: реформи во правосудството и владеење на правото

Розенкранц уште еднаш ја повтори силната поддршка на Шведска за реформските процеси во земјава. Таа посочи дека реформите се неопходни не само за ЕУ интеграцијата, туку и за подобар квалитет на живот на граѓаните.

„Напредокот во правосудството, независноста на судството и борбата против корупцијата се темел на секоја успешна европска приказна. Извештајот на Европската комисија дава јасна насока како да се продолжи напред“, оцени Розенкранц.

Во врска со отворените прашања со Бугарија, таа порача дека добриот дијалог со соседите секогаш е добредојден, додека пак усвојувањето на уставните измени го гледа како чекор што ЕУ ќе треба да го испочитува преку отпочнување на формалните преговори.

Муртезани: Северна Македонија останува посветена на европскиот пат

Министерот Муртезани нагласи дека земјата останува доследно фокусирана на исполнувањето на Копенхашките критериуми, реализацијата на Реформската агенда и спроведувањето на Планот за раст.

Тој ја истакна и значајната билатерална соработка со Шведска, особено преку агенцијата СИДА, која со години финансира проекти во демократијата, владеењето на правото, родовата еднаквост и заштитата на животната средина.

„Шведска и Северна Македонија ги делат истите европски принципи – демократска стабилност, почитување на правото и одговорно управување. Верувам дека оваа посета ќе отвори нови можности за партнерства и заеднички иницијативи“, рече министерот.

30 години членство на Шведска во ЕУ – пример за придобивките

Розенкранц потсети дека Шведска годинава одбележува три децении членство во ЕУ, период кој, како што рече, донел економски напредок, стабилност и силна конкурентност на единствениот пазар.

„Убедена сум дека и Северна Македонија ќе ги почувствува истите бенефити. Патот може да биде тежок и долг, но членството секогаш се исплати“, нагласи министерката.

Нејзината официјална посета, како што порачаа двајцата министри, претставува потврда за континуираната шведска поддршка и сигнал дека европската перспектива за земјата останува отворена – но и условена од конкретни резултати.

Зачлени се на нашиот е-билтен