Руската амбасада ги чита и коментира тескстовите на Рацин.мк. Во објава на социјалните мрежи тие пишуваат дека го забележале објавувањето на статија од Миле Бошњаковски (Рамбo Амадеус и Диме во одбрана на демократија на Западен Балкан, ЕУ во одбрана преку законска регулатива) со неосновани обвинувања против Русија на 26 ноември оваа година во весникот „Слободен печат“ и на интернет порталот „Рацин“.
„Коментирајќи ги постапките на редакциите на овие медиуми, кои повеќепати се истакнаа со антируски материјали, принудени сме да нагласиме дека Русија доследно и принципиелно се придржува до линија на недозволивост на мешање во внатрешните работи на други држави – под било какви изговори. Со други зборови, не се меша во внатрешните работи“, пишува во обкавата на амбасадата на Руската Федерација.
Од амбасадата велат дека: Ги сметаме било какви обиди да се обвини Русија за мешање во претседателските избори, кои се одржаа во Романија, – тема што се однесува само на романските граѓани, со која Москва нема никаква врска, – не само за ширење на несигурни информации, туку и за намерна манипулација со јавното мислење. Убедени сме дека македонските читатели добро го разбираат ова“.
Но, она што не се кажува во објавата на руската амбасада е дека податоците во колумната на Миле Бошњаковски се од извештајот Tackling TikTokcracy in the Balkans | Sensika.
Во тој извештај јасно стои дека упадот на руските ботови во изборите во Романије е идентификуван од романските безбедносни служби како типична руска хибридна операција: ботови, синхронизирани пораки, масовно ширење на лажни содржини. Се утврдило дека е направена манипулација со алгоритмите на ТикТок преку масовно ширење на видеа преку ботови и лажни профили, „push“ на содржината што создава лажен впечаток дека кандидатот е масовно популарен и промовирање видеа со радикална, емоционална содржина.
Значи Романија, а не Рацин.мк, утврдила дека се случила организирана манипулација – односно, без класична политичка инфраструктура победува независен кандидат, без партија и без официјален буџет, па оттаму Уставниот суд на Романија, по две недели од првиот круг, ги поништи изборите, и тоа поради дигитална манипулација со следниве аргументи:
• неправилни електронски гласови,
• координирани мрежи од ботови и лажни профили,
• сомнеж за непријавено финансирање,
• фаворизирање на кандидат од страна на алгоритамот.

