Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Саемот на книга 2024 со парична донација од секоја редовна влезница и по 100 книги за СОС Детско село и ДУЦОР Партенија Зографски

Во чест на 23 април, Светскиот ден на книгата, на 36. издание на Саемот на книга, Скопски Саем како организатор на Саемот предаде две добротворни донации за СОС Детското село и за ДУЦОР Партенија Зографски за деца со оштетен слух. Донациите содржат вкупно 200 книги (по 100 за секоја од двете институции) од различни жанрови од домашни и странски автори, кои ќе помогнат да се доближи културата за читање кај овие деца.

Оваа донација е продолжување на хуманитарната акција која се спроведува во текот на целиот Саем на книга 2024, преку која 15 денари од секоја продадена редовна влезница се одвојуваат за помош на СОС Детското село.

За децата е важно да имаат приказни од кои се воодушевуваат, херои на кои се угледуваат и совети од кои можат да научат нешто. Читањето на книги им дава на децата шанса да запознаат нови светови, но и да стекнат важни и корисни навики. Токму затоа е важно да се всади љубовта за пишаниот збор во развојната возраст, кога се дефинираат и најголемиот дел од навиките кои не’ следат цел живот.

„Саемот на книгата постои за секоја година да нѐ потсетува за важноста на приказните кои ги дознаваме, ги читаме и ги прераскажуваме на другите. Затоа и се обидуваме овие приказни да ги споделиме со што повеќе деца, кои во нив можат да пронајдат безброј мали светови за себе. Се надеваме дека нашата донација барем малку ќе помогне за овие деца да успеат да ја најдат својата омилена приказна и да го засакаат читањето како навика“, вели Даниела Глигоровска, извршен директор на Скопски саем.

Подарувањето по 100 книги за СОС Детското село и за ДУЦОР Партенија Зографски за деца со оштетен слух претставува заедничка донација на Скопски саем и дел од издавачите, учесници на Саемот: Академска книга, Арс ламина, Издавачки центар Три, Сакам книги, Антолог, ПНВ Публикации, Славика либрис, Сказнувалка, Светулка нова. Исто така, Бокси како учесник на Саемот овозможува годишна претплата на електронски изданија на книги на секое дете од двете институции.

„Читањето им дава моќ на младите генерации да учат нови работи и да ги развиваат нивните умови, без разлика читаат од печатена книга, на компјутер, таблет или пак некаде на социјалните мрежи, каде што секојдневно откриваат нови интереси и се сретнуваат со нови приказни. Во согласност со мотото на Саемот, ‘Приказна се чита’, сметаме дека секој прочитан збор е инвестирање во самите себе и затоа книгите треба да бидат неизоставен дел од животот на секој млад човек“, додава Сања Кондарко, Оперативен директор на Скопски саем.

Саемот на книга по 36. пат оваа година е домаќин на голем број издавачи од земјата и од странство, кои ги претставија своите популарни наслови, најнови изданија и секогаш бараните класици пред македонската јавност. Во изминатите саемски денови присутните можеа да видат повеќе промоции на домашни и странски автори, да земат учество во креативни работилници, но и да си одберат некоја од илјадниците книги достапни на штандовите на Саем на книга 2024.

Саемот на книга 2024 беше отворен за посетители на 18 април и завршува на 24 април како ден посветен на македонската книжевност, во кој јавноста ќе може да се сретне со поголем број македонските автори кои ќе ги потпишуваат нивните дела во Арената Борис Трајковски. Радува фактот дека младата популација изрази голем интерес за посета на Саемот со огромен број на организирани посети на ученици во текот на седумте саемски денови.

Зачлени се на нашиот е-билтен