Самир Патрон и Бранко Караколев од Нов Дојран три недели го чистеа отворениот канал на хидро системот „Ѓавато“ кон Дојранското езеро од трева, грмушки и наталожена земја и чакал. Станува збор за канал долг од околу 500 метри кој беше блокиран од обрасната трева и земја.
33-годишниот Самир и три години помладиот Бранко, каналот го чистат на своја иницијатива. Откако минатата година, од месноста Ѓавато беа пуштени пумпите за полнење на Дојранското езеро, дел од водата завршувала во нивите покрај каналот.
„Сакавме да дадеме свој придонес за езерото. Свесни бевме дека каналот беше обраснат со трева и џбунови и во него се наталожила земја. Бидејќи слушнавме дека системот ќе се санира, решивме целосно да го исчистиме каналот за непречено течење на водата во езерото, оти претходно таа се излеваше. На секои 15 метри од каналот вадиме еден до два кубика земја и камења, а да не зборуваме колку купишта сува трева, џбунови и гранки се собра“, вели Самир Патрон.
Тие сега бараат помош за транспорт на насобраниот отпад од каналот и просторот околу него. Самир повикува целата заедница да се вклучи во чистењето на каналот преку кој се полни Дојранското езеро.
Според планот, деновиве треба да бидат исчистени последните метри од каналот. Самир Патрон и Бранко Караколев им се заблагодари на сите кои им донираа храна освежување, но и гориво и косилки за тревата околу отворениот канал.
Инаку ХС „Ѓавато“ од минатата недела почна да се санира бидејќи немаше многу дотур на вода во Дорјанското езеро на кое му се закануваше еколошка катастрофа. Премиерот Христијан Мицкоски кажа дека ќе бидат оспособени четири потопни пумпи од бунарското подрачје и две дополнителни потисни пумпи кои ќе ја туркаат водата кон езерото. На својот Фејсбук профил, тој објави дека првата фаза од санацијата е завршена.
„Бунарскиот дел е комплетно завршен, пуштена е водата и никаде нема протекување. На првата шахта е монтирана една спојка за репарација, на втората шахта монтирани се две спојки, а извршено е и заварување со дупли лимови. Останува уште една интервенција на цевката за испуст и со тоа ќе бидат удвоени количините вода кои ќе се влеваат во Дојранското Езеро“, објави Мицкоски.
Поради високите температури, сушата и неработењето на ХС Ѓавато веќе неколку години нивото на водостојот на езерото е под минималната квота.
В.Т.
Преземено од Локал Актив
Фото: Локал Актив
*Локал Актив е онлајн медиум на локалните заедници од Источниот и Југоисточниот регион во РСМ, вклучително и на ранливите групи граѓани и граѓанските организации кои работат со нив.
Локал Актив е основан во рамки на проектот „Поттикнување на граѓанскиот ангажман во локалното владеење“, поддржан од Националниот фонд за демократија (National Endowment for Democracy) од САД. Реализацијата на овој проект и формирањето на Локал Актив произлезе од идејата дека непрофитните медиуми на заедницата се од клучно значење за остварувањето на комуникациските права на локалните заедници, а особено на ранливите и маргинализираните групи граѓани.
Локал Актив се надоврзува на активностите на Институтот РЕСИС за унапредување на комуникациските права на граѓаните на локално ниво, преку формирањето на Мрежата од совети на публики во која членуваат повеќе од 60 граѓански организации кои ги застапуваат правата на ранливите групи граѓани низ сите осум региони во РСМ.